Фото: Пиксабеј

Ако сте меѓу оние што имаат несовладлив страв од пајаци, не сте единствените. Околу шест проценти од населението страда од т.н. арахнофобија, интензивен и ирационален страв од пајаци или пајаковидни животни. Ако сте меѓу нив, кога ќе видите пајак веројатно добивате две инстинктивни реакции – прво веројатно да вреснете, а потоа вашиот природен инстинкт ќе ве натера да го згмечите инсектот.
Сепак, колку и да ви изгледа тоа како најдобро решение, постојат неколку причини зошто треба да се воздржите од убивањето пајаци. Прво, пајаците јадат инсекти, особено оние што ќе западнат во нивните мрежи. Тоа што низ домот имате понекој пајак всушност значи дека имате и помалку инсекти (штетници) што летаат или лазат низ куќата.
Исто така пајаците јадат други пајаци. Ако отстраните еден, сосема е можно многу брзо да се појави друг, често за да освои територија. Речиси во секоја куќа има пајаци, но повеќето од нив претпочитаат да останат скриени, подалеку очите на луѓето. Овие суштества со осум нозе се корисни и поради нивните навики во исхраната. Еден од најважните аспекти на нивната исхрана е фактот што тие убиваат други инсекти што можат да пренесуваат болести, како што се комарците. Само запрашајте се дали претпочитате еден или два пајаци во куќата или рој комарци што ќе се појават штом ќе се стемни.
Вистина е дека речиси сите пајаци се отровни, но повеќето од нив испуштаат толку мало количество отров што не претставуваат сериозна закана за луѓето. Тие ретко ќе ве каснат освен ако не се почувствуваат директно загрозено. Ако зборуваме за оние пајаци што навистина можат да предизвикаат штета, како што се црните вдовици или затскриените пајаци, тие се многу ретки и не треба да очекувате да ги затекнете во вашиот дом, особено не на овие географски простори.
Наместо да го следите својот инстинкт веднаш штом ќе видите пајак – да го згмечите, обидете се внимателно да го фатите. Користете го класичниот метод: ставете чаша над пајакот и, лизгајќи парче хартија под чашата, пуштете го надвор на слобода. Следниот пат кога ќе видите пајак, сетете се на сите придобивки од пајаците и одолејте му на искушението да го згмечите. На крајот на краиштата, тие прават многу повеќе добро отколку штета.