Апелационен суд: Тужбата на младите против владата на САД за климатските промени треба да се отфрли

Американски апелационен суд во средата одлучи дека тужбата поднесена од 21 млад човек во која се тврди дека енергетската политика на американската влада ги крши нивните права за заштита од климатските промени мора да биде отфрлена.

Панелот од тројца судии на 9-от американски Окружен апелационен суд со седиште во Сан Франциско, во налог од пет страници наведува дека случајот требало да биде отфрлен откако судот првпат го расправал за прашањето во 2020 година. Тогаш било заклучено дека судовите не можат да наложат сеопфатни промени во политиката кои подобро е да им се препуштат на Конгресот и на извршната власт.

Иако младите тужители го намалија тужбеното барање барајќи само изјава дека им се повредени правата, судот наведува дека барањата мора да се однесуваат на отштета што може да се поправи на суд и дека таквата изјава нема директно да им помогне на тужителите.

Одлуката на судечкиот совет му наложи на понискиот суд кој го надгледува случајот да ја отфрли тужбата. Тужителите планираат да побараат од судот да ја преиспита одлуката, рече Џулија Олсон од непрофитната адвокатска фирма „Our Children’s Trust“. Слично барање по пресудата од 2020 година беше одбиено.

„Ова е трагична и неправедна пресуда, но не е завршена. Декларацијата за нашите уставни права е една од ретките работи што ја поттикна нашата нација кон поголема правда и еднаквост низ историјата“, рече Олсон.

Американското Министерство за правда одби да ја коментира пресудата.

Бројни „климатски тужби“ и пред други судови

Во нивната тужба од 2015 година, тужителите тврдеа дека владата дозволила, одобрила и субвенционирала екстракција и потрошувачка на фосилни горива и покрај тоа што знаела дека овие дејствија предизвикуваат катастрофално глобално затоплување.

Тие наведуваат дека климатските промени ги влошуваат појавите како шумски пожари, суши и поплави, што, пак, го загрозува нивното здравје и имот. Тужителите, исто така, посочуваат дека енергетската политика на САД ги нарушува нивните права на правилен процес и еднаква заштита според Уставот на САД.

Канцеларијата „Our Children’s Trust“ поднесе бројни други тужби за климата во последниве години во име на млади подносители на барање, тврдејќи дека државните и федералните политики кои промовираат фосилни горива ги кршат нивните права.

Иако неколку тужби беа отфрлени, судијата од државата Монтана минатата година пресуди во корист на група млади кои тврдеа дека дозволувањето на државата за експлоатација на фосилни горива го прекршува амандманот на уставот на Монтана од 1972 година, кој бара државата да ја заштити и подобри животната средина.

Слична тужба на група млади Хавајци врз основа на уставот на државата треба да оди на суд во јуни.

Група млади, исто така, поднесоа тужба до федералниот суд во Калифорнија против американската Агенција за заштита на животната средина, обвинувајќи ја за „намерно“ дискриминација на американските деца со тоа што дозволува ослободување на опасни нивоа на стакленички гасови кои предизвикуваат климатски промени.