Доларот благо зајакна, цената на нафтата порасна

На девизните пазари вредноста на американскиот долар во однос на кошничката валути благо порасна во раното претпладневно тргување во четвртокот.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево зајакна за 0,07 отсто, на 105,78 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута моментално се движи околу 156,00 јени. Цената на јенот значително флуктуираше последните денови откако јапонските власти интервенираа на пазарот за да спречат натамошно слабеење на јенот, бидејќи неговиот девизен курс во однос на доларот се лизна на најниските нивоа во последните 34 години.

А откако вчера цената на еврото во однос на доларот порасна за околу 0,4 отсто, претпладнево постојано се движи околу 1,0720 долари.

Цените на нафтата, пак, пораснаа по вчерашниот пад. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево зајакна за 0,61 отсто, на 83,95 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,62 отсто, на 79,50 долари.