Breaking News

Комисијата за Автомобилска Одговорност при Министерство за Финансии, 15 години не дала препорака на Владата за корекција на цените на авто осигурувањето


Изминатиов период во јавноста е актуелна темата „авто осигурување“. Тоа не поттикна да направиме една мала анализа. Во земјава работат 11 осигурителни компании, 10 од нив се странски инвестиции, кои секако имаат очекувања да работат во амбиент на применета европска регулатива, соодветен надзор и секако остварување на позитивни резултати од работењето поврзано со премиите за авто осигурување. Цените на авто осигурувањето ги регулира државата по предлог на Комисијата за Автомобилска Одговорност при Министерството за Финансии. Тие се непроменети 15 години, на што реагираа и осигурителните компании.
Доколку се навлезе подлабоко во темата, може да се види дека постоечките цени се непазарни и неодржливи, и како резултат на тоа според извештајот на АСО за 2023 година, индустријата во сегментот на АО претрпела загуба во износ од 176 милиони денари, што во изјава за медиуми го потврдија и од Националното биро за осигурување.


Премиите за осигурување кои ги плаќаме денес се пониски и до 17%, во однос на 2006 година, што е спротивно со инфлаторните притисоци и растот на платите од 83%, што влијае дури и на платите на вработените во секторот осигурување кои се пониски од просекот во секторот осигурување и пензиски фондови.
Еспертите во областа истакнуваат дека анализите за регулирани цени и одлуките за истите треба да се базираат врз независни актуарски анализи, и според нив Комисијата за Автомобилска Одговорност при МФ еднаш годишно треба да дава предлог до Владата.


И самиот Закон за Задолжително Осигурување во Сообраќајот, Член 46, наметнува дека Комисијата за Автомобилска Одговорност еднаш годишно по направени анализи за тековните состојби, треба да доставува до Владата предлог за утврдување на минималната и максималната стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност.

Но, и покрај горенаведените одредби, минималната и максималната стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност не е променета веќе 15 години, поточно од 2008 година, кога била намалена за 30%. Последната одлука за утврдување на минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност е донесена 09.09.2008 од страна на Владата на Република Македонија.


Од Групација на осигурувањето при Стопанската комора на Северна Македонија очекуваат институциите да покажат поголемо разбирање за работењето на осигурителниот сектор, да ги земат во предвид сите доставени детални и сеопфатни анализи за цените на авто осигурувањето, и да се дојде до решение кое ќе подразбира имплементирање на реални, пазарни цени, кои ќе овозможат непречно сервисирање на штетите.

Цените за осигурување од автомобилска одговорност се од 2008 година, или цели 15 години се непроменети, период во кој бележиме општ пораст на цените од 61.5%.
Фактот што голем дел од осигурениците имаат максимален бонус/намалување на премија од 50%, товарот од новите давачки кои ги плаќаат Осигурителните Компании, 2% према Фондот за здравствено осигурурување и 0,8% према регулаторот, порастот на минималната и просечната плата на вработените и на работната рака на сервисите и проценителите, во услови на замрзнати цени за авто одговорност ја доведува во прашање одржливоста и оправданоста на бизнисот Авто осигурување и долгорочното учество на осигурителните компании во овој сегмент.


Осигурувањето е исклучително важен фактор за развој на економијата и општествените текови во земјата и ги заштитува граѓаните, државниот имот и бизнис секторот од немили настани. Затоа тоа мора да биде одржливо, стабилно и целосно спремно да одговори на барањата на осигуренците.
Исто така, јавноста треба да биде запознаена со податокот дека имаме најниска цена за авто осигурување во регионот. Во изминатите години е евидентиран раст на цените на автомобилите од 70% – 100%, на резервните делови за 100%, на платите за 83%, индексот на трошоците на живот од 2008 до 2023 година е зголемен за 52,83%, нето трошоците за спроведување на осигурувањето за 215%, што ги прави неодржливи цените на автомобилското осигурување.

Осигурителните компании се надеваат дека Комисијата и Владата, односно Министерството за финансии, како професионални и кредибилни индтитуции, ќе направат уште еднаш сериозна анализа, и ќе ги земат во предвид сите факти и тековни состојби, и врз основа на нив ќе донесат препорака до Владата за промена на одлуката, и креирање реални цени. Во спротивно, работење по нереални и 15 години непроменети цени нема да биде од корист ниту на граѓаните ниту на бизнис заедницата, ниту на државата.