БЕГАЈЌИ ОД РУСКИТЕ НАПАДИ, 98-ГОДИШНА УКРАИНКА ПЕШАЧЕЛА 10 КИЛОМЕТРИ ВО ВЛЕЧКИ И СО БАСТУН

    БЕГАЈЌИ ОД РУСКИТЕ НАПАДИ, 98-ГОДИШНА УКРАИНКА ПЕШАЧЕЛА 10 КИЛОМЕТРИ ВО ВЛЕЧКИ И СО БАСТУНСо бастун во едната рака и со отцепено парче дрво во другата за да држи рамнотежа, Лидија Степанивна Ломиковска одела цел ден без храна и вода за да стигне до украинските линии. (Фото: АП)

    98-годишна жена од Украина, која избега од територијата окупирана од Русија пешачејќи речиси 10 километри сама, облечена во влечки и поткрепена со бастун, повторно се обедини со своето семејство неколку дена откако тие беа разделени додека бегаа на безбедно место. Лидија Степанивна Ломиковска и нејзиното семејство минатата недела одлучија да го напуштат градот Очеретин, во источниот регион Доњецк, на линијата на фронтот, откако руските трупи влегоа во него и се интензивираа борбите.
    Русите напредуваат во областа, напаѓајќи ги со артилерија, беспилотни летала и бомби исцрпените сили на Киев кои останаа без муниција.

    „Се разбудив опкружена со пукање наоколу – толку страшно“, рече Ломиковска во видео интервјуто објавено од Националната полиција на регионот Доњецк.

    Опишувајќи го своето патешествие, Ломиковска рече дека паднала двапати и во неколку наврати морала да застане за да се одмори, дури и да заспие на патот пред да се разбуди и да продолжи да оди. (Фото: АП)

    Во хаосот на заминувањето, Ломиковска се разделила од синот и двете снаи, меѓу кои и едната повредена од шрапнели неколку дена претходно. Помладите членови на семејството тргнаа по странични патишта, но Лидија сакала да остане на главниот пат. Со бастун во едната рака и со отцепено парче дрво во другата за да држи рамнотежа, таа одела цел ден без храна и вода за да стигне до украинските линии.

    Опишувајќи го своето патешествие, Ломиковска рече дека паднала двапати и во неколку наврати морала да застане за да се одмори, дури и да заспие на патот пред да се разбуди и да продолжи да оди.

    „Еднаш изгубив рамнотежа и паднав во плевел. Заспав малку и продолжив да одам. И тогаш, по вторпат, пак, паднав. Но, тогаш станав и си помислив: Треба да продолжам да одам, малку по малку“, рече Ломиковска.

    Павло Диаченко, вршител на должноста портпарол на Националната полиција на Украина во регионот Доњецк, рече дека Ломиковска била спасена кога украинските војници вечерта ја забележале како оди по патот. Тие ја предале на „Белите ангели“, полициска група која ги евакуира граѓаните што живеат на линијата на фронтот, кои потоа ја однеле во засолниште за евакуирани и контактирале со нејзината роднина.
    „Ја преживеав таа војна“, рече таа мислејќи на Втората светска војна. „И јас морав да ја поминам оваа војна и на крајот останав без ништо. Таа војна не беше како оваа. Ја видов таа војна. Ниту една куќа не изгоре. Но, сега – сè е во пламен“, му рече таа на својот спасувач.

    Во најновиот пресврт на приказната, главниот извршен директор на една од најголемите украински банки во вторникот на својот канал Телеграм објави дека банката ќе купи куќа за пензионерката.

    „Монобанк ќе ѝ купи куќа на Лидија Степанивна и таа сигурно ќе живее во неа до моментот кога оваа гнасотија ќе исчезне од нашата земја“, рече Олех Хороховски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира