ЕУ ДЕНЕС НЕМА РЕШИТЕЛНОСТ ДА НАПРАВИ НЕШТО ГОЛЕМО, ВЕЛИ ПОРАНЕШНИОТ КОМЕСАР ЗА ПРОШИРУВАЊЕ ФЕРХОЈГЕН

    ЕУ ДЕНЕС НЕМА РЕШИТЕЛНОСТ ДА НАПРАВИ НЕШТО ГОЛЕМО, ВЕЛИ ПОРАНЕШНИОТ КОМЕСАР ЗА ПРОШИРУВАЊЕ ФЕРХОЈГЕНЕдинството во ЕУ е многу послабо, вели поранешниот комесар за проширувањето на ЕУ Гинтер Ферхојген. (Фото: ДПА)

    ЕУ денес веројатно веќе го нема духот на заедницата кој беше толку силен во годините по 1999 година, решеноста да се направи нешто навистина големо. Единството е многу послабо, вели поранешниот комесар за проширувањето на ЕУ Гинтер Ферхојген во интервју за Дојче веле.

    „Но, тоа не е вина на новите членки. Имаме националистички, популистички бран кој исто така создава и искористува силни анти-ЕУ чувства. Тоа го имаме сега во речиси сите земји-членки и овој бран можеби сè уште не го достигнал врвот. Многу сум загрижен за внатрешната кохезија на нашата заедница.Многу е тешко да се предвиди што ќе се случи со политиката на проширување, не само во однос на Украина. Пред сѐ, тука е Западен Балкан, кој има ветување за пристап од 1999 година. Потоа ги имаме Кавказ, Грузија и еден ден можеби Ерменија како кандидати… Но, пред следниот голем круг на проширување, потребна ни е реформа на нашите институционални темели. Такви какви што се сега, не можат да функционираат со 37 или повеќе членови.Како замислувате Комисија со повеќе од 37 членови, од кои седум се од поранешна Југославија и еден од Франција? Дали би се прифатило – тоа е голем знак прашалник за мене“, вели 80-годишниот Ферхојген.

    Тој е поранешен политичар од СПД и беше одговорен за проширувањето на ЕУ како комесар во Европската комисија под Роман Проди од 1999, а потоа беше комесар на ЕУ за претпријатија и индустрија од 2004-2010.

    Ферхојген смета дека традиционалната германско-француска оска одамна не е доволна за одржување на стабилна ЕУ и нејзино унапредување.

    „Полска е апсолутно неопходна за тоа. Јас сум оптимист за Полска. Пред се, фактот дека со Доналд Туск сега на чело на владата е човек кој има исклучително искуство во европската политика и кој знае подобро од кој било како функционира интеракцијата меѓу владите и политичките сили во ЕУ. Меѓутоа, во Полска ќе треба да размислат – кој е поблиску до нив, ЕУ или САД. Помалку сум оптимист за германско-француските односи. Тука недостасува интензитетот и нивото на меѓусебно разбирање што е неопходно. Двоецот Шолц – Макрон очигледно не функционира. Но, ниту Макрон-Меркел не функционираа добро“, вели Ферхојген.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира