Зеленски: Украина ќе влезе во НАТО дури откако ќе победи во војната против Русија

236

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека верува оти земјата ќе влезе во НАТО дури откако ќе победи во војната против Русија.

За време на посетата на Универзитетот за национална одбрана во Киев со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Зеленски рече дека не верува оти Украина ќе биде примена во Алијансата за време на војната.

„Според мене, во НАТО ќе бидеме само кога ќе победиме. Не верувам дека ќе бидеме примени во НАТО за време на војната. За некого тоа е ризик, за некои едноставно скептицизам“, рече Зеленски, пренесува Анадолија.

Посочувајќи дека влезот на Украина во НАТО е политичко прашање, а не одлука заснована на „компатибилноста“ на Киев со стандардите на Алијансата, Зеленски рече дека е потребна победа за Киев да остане политички вклучен.

„Верувам дека една од причините зошто сега има војна е тоа што не бевме во Алијансата“, рече Зеленски.

Столтенберг рече дека е неопходно сите 32 членки на НАТО да се согласат да поканат нова земја да стане членка на Алијансата, но дека во моментов немаат таков консензус.

Столтенберг во понеделникот беше во ненајавена посета на Киев, при што разговараше со Зеленски и се обрати пред украинскиот парламент.