Двајцата кандидати за претседател Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова се на ставот дека граѓаните треба да излезат на гласање на 8 мај кога треба да се одржи вториот круг од претседателскиите избори. И двајцата вечерва се оградија од повиците за бојкот.

На вечерашната дебата на „Клик плус“ на ТВ21, Силјановска Давкова рече дека е антиевропски чекор доколку не се случи потребната излезност од 40 проценти во вториот круг од претседателските избори, а Пендаровски рече дека мора да се почитува Уставот, иако смета дека не би требало да има долен праг.

– Доколку не се случи излезноста од 40 проценти, тоа ќе биде уште еден антиевропски чекор, бидејќи Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР по најмалку четири мислења велат дека е тотално нелогично во вториот изборен круг да имате цензус од 40 отсто оти кога одат двајца, еден треба да биде избран со релативно мнозинство – посочи Силјановска Давкова.

Таа додава дека пораките за бојкот воопшто не се во духот на парламентарната демократија.

– Некои пораки што ги слушаме за бојкот, воопшто не се во духот на парламентарната демократија, туку се наспроти парламентарната демократија, бидејќи јасно е дека овие 40 проценти туркаат во политички пазар, во уцени, во спогодби, а ние кандидатите бараме граѓаните да кажат дали сме за претседател подобни и соодветни – појаснува Силјановска Давкова.

Според Пендаровски, не станува збор дали некој кандидат бара или не бара бојкот, туку за уставна одредба што мора да се почитува, а во која се вели дека 40 проценти од гласачкото тело мора да излезе за да има валиден претседател.

– Овде станува збор за, за жал, уставна одредба која мора да се почитува, а која вели 40 проценти од гласачкото тело мора да излезе за да имаме валиден претседател. Јас сум да менуваме Устав и да немаме долен праг, затоа што кој сака да гласа има право да гласа, тоа никому не му е оневозможено – посочи Пендаровски.

Повиците за бојкот, вели, доаѓаат од политичката структура која ја поддржува Силјановска Давкова. Според Пендаровски, треба да се избере претседател на 8 мај бидејќи во спротивно би влегле во политичка криза и неизвесност.

– Од моја страна ниту некогаш било кажано, ниту некогаш помислено, гласачите кои ме поддржуваат да бидат наведувани на така наречен израз на ВМРО-ДПМНЕ – тивок бојкот. На секоја средба со граѓаните, на секој митинг јас велам, излегувајте и гласајте. Македонија треба да има претседател на 8 мај, затоа што се друго освен тоа е влез во политичка криза, во неизвесност и тоа не ни е потребно. Јас сум првиот кој вели не за бојкот и ургирам сите, и оние кои ме гласаат и оние кои нема да ме гласаат да излезат и да го искористат своето демократско право – додава Пендаровски.