Достапни линкови

Австралија се соочува со национална криза на семејно насилство


Австралискиот премиер Ентони Албанезе присуствува на митинг против насилството врз жените, Канбера, 28 април 2024 година
Австралискиот премиер Ентони Албанезе присуствува на митинг против насилството врз жените, Канбера, 28 април 2024 година

Австралискиот премиер Ентони Албанезе го опиша семејното насилство како „национална криза“, откако илјадници луѓе се собраа на протести против насилството врз жените, во неколку градови во последните денови.

Низ Австралија, службите на првата линија, борците против семејно насилство и полицајците бараат превенција и спречување на насилството и построги закони за насилство врз жените, пишуваат светските медиуми.

Австралискиот премиер Ентони Албанезе свика итен состанок на владата бидејќи најновата статистика покажува дека на секои четири дена е убиена по една жена во инциденти на семејно насилство.

Протести низ целата земја

Илјадници луѓе протестираа во градовите низ Австралија во неделата (28 април) за да го привлечат вниманието кон смртта на 27 жени годинава, предизвикана од акти на родово засновано насилство во популацијата која брои 27 милиони.

Еден ден подоцна, премиерот Албанезе рече дека собирите се повик за акција за сите нивоа на австралиската влада да направат повеќе за да го спречат родовото насилство.

Во изјава за телевизијата „Nine Network“, како што јави Асошиејтед прес, Албанезе изјави дека „не е доволно само да се има емпатија“ и дека владата мора да направи повеќе.

„Фактот што една жена умира во просек на секои четири дена од рацете на нејзиниот партнер е национална криза“, рече австралискиот премиер.

Како што истакнува АП, во текот на викендот низ Австралија се одржани 17 собири, а се проценува дека само во Мелбурн протестирале околу 15 000 луѓе.

Албанезе рече дека ќе свика состанок на лидерите на австралиските држави и територии во среда, 1 мај, за да разговараат за координиран одговор. Тој нагласи дека треба да се посвети поголемо внимание на сторителите и спречување на насилството.

„Мораме да ја промениме културата, мораме да ги смениме ставовите, мораме да го промениме правниот систем“, рече Албанезе во неделата, обраќајќи им се на толпата на протестот во главниот град Канбера.

Покрај премиерот, на средбата беа и неговата министерка за жени Кети Галагер и министерката за социјални услуги Аманда Ришворт. Според АП, насобраните им извикувале на владините лидери: „сакаме акција“ и „работете ја својата работа“.

Епидемија на насилство

Демонстрантите кои протестираат ширум Австралија во неделата сакаат да го прогласат родовото насилство за национална вонредна состојба и да воведат построги закони за да го запрат, објави Би-Би-Си.

Говорејќи на митингот во Канбера, Албанезе призна дека владата на сите нивоа треба да биде подобра, велејќи дека „останува на мажите да го променат однесувањето“.

Одговарајќи на повиците на демонстрантите, насилството врз жените да се квалификува како национален вонредна состојба, Албанезе рече дека таквата класификацијата обично се користи за време на поплави или шумски пожари за да се ослободи привременото финансирање.

„Не ни треба месец или два, треба да се справиме со ова на сериозен начин, недела по недела, месец за месец, година во година“, рече тој.

Албанезе во неколку наврати го нарече родовото насилство - епидемија, но тоа не е ново, посочува Би-Би-Си и потсетува дека во 2021 година низ целата земја се одржаа маршеви поради обвинувања за сексуално недолично однесување во парламентот и општеството.

Во Аделаида, околу 3000 луѓе се собраа пред зградата на градскиот парламент во саботата. Протести се одржаа и во Бризбејн, Мелбурн, Голд Коуст и Њукасл во петокот и саботата.

Загрижувачка статистика

Собирите, исто така, се совпаднаа со обвинението против маж за наводното убиство на 30-годишната мајка на четири деца, Ерика Хеј, која беше пронајдена мртва по пожар во куќа во Перт на почетокот од овој месец.

Вкупно, 27 жени биле убиени во првите 119 дена од 2024 година, според податоците собрани од кампањата „Destroy the Joint“.

Според статистичките податоци составени од активисти за борба против семејното насилство, минатата година во Австралија, секоја недела била убиена по една жена во инциденти на семејно насилство. Годинава просекот се искачи на речиси еден на секои четири дена, пишува лондонски „Тајмс“.

Само во Баларат годинава се убиени три жени. Саманта Марфи (51), мајка на три деца, не е видена откако го напуштила својот дом на 4 февруари и отишла да џогира низ шумата. За нејзиното убиство е уапсен „локален младинец“, но нејзините останки не се пронајдени.

Неколку дена подоцна, Ребека Јанг (42), мајка на пет деца, била пронајдена мртва во нејзиниот дом со нејзиниот партнер, кој имал силни врски со одметнички банди со мотоцикли. Се верува дека ја убил пред да си го одземе животот.

Овој месец, телото на Хана Мекгваер (23), учителка, беше пронајдено во изгорен автомобил јужно од Баларат. За нејзиното убиство е обвинет 21-годишен маж, кого го познавала.

Исто така во април, маж избоде шест лица до смрт во трговски центар во Сиднеј. Пет жртви се жени, а полицијата истражува дали тоа било намерно.

Насилство надвор од урбаните средини

Низ Австралија, службите на првата линија, застапниците против семејно насилство и полицајците бараат да се интервенира во превенција и спречување на насилството, пишува Гардијан.

Според податоците на феминистичката невладината организација „Destroy the Joint“, половина од убиените жени оваа година биле во регионални делови од земјата, што ги истакнува ранливостите со кои се соочуваат жените кои доживуваат насилство надвор од урбаните средини и потребата од дополнителни ресурси.

Втор пат во еден месец жителите на Баларат, третиот по големина регионален град во Викторија, маршираа низ улиците на градот барајќи да се стави крај на убиствата на жените.

Елис Филипс, заменик-извршен директор за семејно насилство во Нов Јужен Велс, вели дека ресурсите во регионалните и руралните области се голем проблем. Особено, недостигот на станови и кризни сместувања.

„Жените треба да бираат помеѓу тоа да бидат бездомници или да продолжат да искусуваат злоупотреба“, вели таа.

Во меѓувреме, жените во руралните области низ Австралија имаат 24 пати поголеми шанси да завршат во болница поради семејно насилство, вели таа.

Антоанета Брејбрук, извршен директор на Организацијата за спречување на семејно насилство за Абориџинската заедница во Викторија, исто така вели дека податоците за бројот на убиени и исчезнати жени од Првата нација се лоши.

„Најновите национални податоци покажуваат дека жените Абориџини имаат 33 пати поголема веројатност да бидат хоспитализирани и 11 пати поголеми шанси да умрат од насилен напад отколку другите жени. Но, ретко нашите приказни се следат или се забележуваат како вредни за вести“, вели Брејбрук.

Итна седница на владата

Итен состанок на националната влада за насилството врз жените врз жените ќе биде свикан во среда, 1 мај, а се очекува премиерот Ентони Албанезе да им пренесе на сите регионални влади ширум земјата, вклучително и неговата на федерално ниво, дека мора да направат промени и да се фокусираат повеќе на запирање на сторителите, пишува Гардијан.

Во Викторија, федералниот јавен обвинител Марк Драјфус и државната премиерка Џасинта Алан им се придружија на илјадниците луѓе минатиот викенд на митингот на плоштадот Федерација.

Зборувајќи пред новинарите, Алан истакна:

„Треба да престанеме да зборуваме за безбедноста на жените и да почнеме да се бориме против машкото насилство“, рече Алан.

XS
SM
MD
LG