Надал по победата: Пред три недели губев од секое дете во академијата – сега продолжувам да сонувам

258

Рафаел Надал е во добра форма, a тоа го потврди со победата над Педро Качин во третото коло на Мастерсот во Мадрид.

Шпанецот славеше по борба од три часа и шест минути со 2:1 во сетови.

„Имаше добри и лоши моменти. Најдов начин да го освојам третиот сет. Направив грешки, но мислам дека успеав да бидам непредвидлив. Тоа го промени текот на натпреварот“, изјави Надал по мечот.

Го прашале и како се чувствува физички.

„Не, не чувствував никаква болка. Ќе видиме како ќе се разбудам утре. Одам ден по ден. Се трудам да уживам играјќи дома, тоа многу ми значи. Продолжувам да сонувам. Утре е нов ден. Можам повторно да сонувам и да играм пред одлична публика“, додаде Надал.

Повторно го засили темпото, иако пред три недели воопшто не беше во добра форма.

„Пред три недели губев од секое дете во академијата, а сега се натпреварувам против тенисери од АТП турнејата. И победувам“, изјави Шпанецот.

Во осминафиналето Надал ќе се сретне со Чехот Јиржи Лехечка, кој во два сета го победи Бразилецот Монтеиро со 6:4, 7:6 (9:7).