Камерон: Предлогот за прекин на огнот во Газа предвидува ослободување на илјадници палестински затвореници

by Fokus

Предлогот за прекин на огнот во Газа претставен на Хамас вклучува 40-дневен прекин на огнот и ослободување на илјадници палестински затвореници, изјави денеска британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон.

„Се надевам дека Хамас ќе го прифати овој предлог“, рече тој, додавајќи дека целиот свет треба да ја покани палестинската група да го стори тоа.

За време на говорот на специјалниот состанок на Светскиот економски форум во Ријад, тој нагласи дека војната нема да заврши додека не бидат ослободени сите израелски заложници. Камерон оцени дека раководството на Хамас треба да го напушти Појасот Газа за да се отвори можноста за преговори на две држави.

Според медиумите денеска во Каиро треба да почнат преговорите со делегацијата на Хамас.

Како што се наведува, предлогот предвидува примирјето, доколку биде склучено, да биде претставено како „хуманитарен прекин на огнот“. Хамас ќе ги ослободи заложниците во замена за еднонеделен прекин на огнот и ослободување на палестинските затвореници од израелските затвори.

Разговорите се во застој за двете главни прашања, барањето на Хамас израелските трупи да се повлечат од Газа и да го прекинат конфликтот и деталите за бројот и имињата на палестинските затвореници во израелските затвори.

Некои извештаи сугерираат дека Израел покажал подготвеност да направи дополнителни отстапки во иднина, вклучително и повлекување на силите кои го преполовија Појасот Газа и дозволувајќи им на жителите да се вратат на север.

Поврзани новости