Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност побара да се стават во мирување одлуките на друштвата за осигурување, откако претходно го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување (НБО) поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.

На состанокот Комисијата му укажала на НБО и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето веднаш да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година.

– Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку НБО го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, а ниту Комисијата, дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките – известија од Министерството за финансии.

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност побара од Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука.

– Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица. На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци – стои во известувањето од Финансии.

Со донесените одлуки, осигурителните компании ја зголемија цената на полисата за задолжителното автоосигурување за 15,44 отсто за возила со моќност од над 44 киловати. Со тоа, поскапувањето ќе одеше од 840, па до речиси 1.600 денари во зависност од моќноста на возилото.

Од Националното биро соопштија дека цената се зголемува за 15% затоа што со години не е променета, а трошоците во овој бизнис се зголемени.

– Фактите велат дека Осигурителната индустрија во делот на осигурување од автомобилска одговорност (АО) во 2023 претрпела загуби во износ од 176 милиони денари, и дека веќе 15 години, во периодот од 2008 до 2024 цената на АО е непроменета, иако на тоа се укажувало веќе долг период. Во услови кога цените на автомобилите пораснале од 70 до 100 проценти, на резервните делови за 100%, платите за 83%, индексот на трошоци на живот од 2008 до 2023 година за 52,83%, нето-трошоците за спроведување на осигурувањето за 215%, апсолутно реално е да се очекува промена на цените за автомобилското осигурување. Ниту еден од горенаведените трошоци не е регулиран од државата на начин на кој е регулирана цената на автоодговорноста и осигурителната индустрија нема контрола над овие трошоци – стои во соопштението.

Национално биро за осигурување дополнува дека автомобилското осигурување е единствената категорија во нашата земја која 15 години не претрпела корекција, а за која одредбите од Законот јасно укажуваат дека е потребна годишна промена.

– Македонија е една од ретките држави каде што државата сè уште има функција во утврдување на цената за задолжителната АО и покрај фактот што се работи за пазарна економија – потенцираат од НБО.

Осигурителната индустрија годишно исплаќа над 38 милиони евра штети по автомобилско осигурување. Дополнително осигурителната индустрија ги покрива и штетите предизвикани од неосигурени возила, за што дополнително годишно исплаќа уште 1,5 милиони евра.

(С.Бл.)