Кога и зошто почнавме да го славиме 1 Мај?

690

Меѓународен ден на трудот — празник кој се празнува на 1 Мај, и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Празникот има корени во древни пагански фестивали кои го означувале почетокот на летото, па затоа повеќе се слави во северната хемисфера. Старите Келти го нарекувале Белтен, а низ вековите празникот еволуирал, но главната промена била резултат на штрајк.

На 1 мај 1886 година стотици илјадници американски работници учествувале во штрајк барајќи работниот ден да трае осум часа. Тоа време често се работело 10 до 16 часа на ден. Протестите во Чикаго траеле повеќе денови, а довеле и до судир помеѓу демонстрантите и полицијата. Имало жртви и многу повредени.

Овие протести го смениле светот. 1 Мај бил прогласен за меѓународен ден на трудот во знак на почит на жртвите во овие настани. Во 1889, „Секонд интернашнал“, организација на социјалистички и работнички партии, на конгрес во Париз одлучила секоја година да одржува протести на 1 Мај, во знак на почит на работниците што учествувале во штрајковите.

Празникот за солидарност на работниците првпат бил прославен во 1890 година во Австро-Унгарија, Белгија, Германија, Данска, Шпанија, Италија, САД, Норвешка, Франција, Шведска и некои други земји.

Долго време 1 Мај претставувал симбол за револуција, бил поврзуван со политиката и бил означен од протести на кои имало портрети од политичари, слогани и постери за одредени достигнувања во економијата, науката и културата. Но со текот на времето овој контекст се изгубил и денес, празникот се одбележува во 142 земји и територии на 1 Мај или на првиот понеделник во мај.

Во многу земји неговото значење се задржало, но во некои тоа веќе не е политички празник на кој се организираат настани за значењето на правата на работниците. За многумина, ова е само слободен ден на кој може да се организира дружење со најблиските.

Синдикалното движење во Македонија има длабоки корени и традиција. Првите синдикални зачетоци датираат од 1908 година, кога е формиран првиот легален Синдикат на чевларските работници. На Првиот земски конгрес, на работниците и намештениците на Македонија, кој се одржал во Скопје од 18 до 21 август 1946 година, продолжува традицијата на синдикализмот од пред војната, со формирањето на единствената синдикална организација – Сојузот на синдикатите на Македонија.

Во Македонија Први мај е државен празник, како и во повеќе земји во светот. Сè до 2006 година Први мај се празнуваше два дена, на 1 и 2 мај, а од 2007 година се празнува само еден ден. Вообичаено кај нас, овој ден се користи за излети во природа. Речиси секој град има свои традиционални излетнички места, а тоа се најчесто зелени прекрасни ливади покрај вода каде што населението ја пали традиционалната скара и со песна и игра го поминува денот на трудот.

Слично како и кај нас така и во други европски држави овој ден се прославува во природа покрај логорски оган на кој се спрема скара или некое друго јадење. Во некои земји во Северна и Централна Европа, во природа се излегува ноќта спроти Први мај (Валпургина ноќ) и се прославува плодноста, при што се пие и се пее долго во ноќта покрај запалените огнови.

За разлика од ваквото празнување, кое има корени во паганското чествување на природата, во некои држави работничките синдикати организираат масовни протести на кои се истакнуваат нови барања за подобрување на работничките права при што честопати има и судири со полицијата. Кај нас тоа е само симболично, што е одраз на традициите и културата на славање на овој празник како и на нивото на зрелоста на синдикалната организација.