Македонија и во изборната кампања за Европскиот парламент!

Во ек на изборната кампања, ветувањата за европска Македонија се меѓу главните пораки што ги испраќаат политичарите. Со меѓусебни обвинувања за тоа кој е про, а кој антиевропски ориентиран, политичарите веруваат дека ќе добијат поголема доверба од избирачите. Но, треба да се земе предвид и фактот дека текот на македонскиот евроинтегративен пат ќе зависи и од друг електорат – од изборите во јуни, внатрешните реформи во ЕУ и од тоа кој ќе застане на кормилото на Европската комисија. По повод 20-годишнината од големото проширување на ЕУ со десет нови членки во 2004 година, германската министерска за надворешни работи, Аналена Бербок, повика на брз прием на земјите кандидати за членство од Западен Балкан

57

Во ек на изборната кампања, ветувањата за европска Македонија се меѓу главните пораки што ги испраќаат политичарите. Со меѓусебни обвинувања за тоа кој е про, а кој антиевропски ориентиран, политичарите веруваат дека ќе добијат поголема доверба од избирачите. Но, треба да се земе предвид и фактот дека текот на македонскиот евроинтегративен пат ќе зависи и од друг електорат – од изборите во јуни, внатрешните реформи во ЕУ и од тоа кој ќе застане на кормилото на Европската комисија. Ниту европските политичари и претенденти за високи функции не ги изоставаат Балканот и проширувањето во својата реторика пред изборите за Европскиот парламент во јуни. По повод 20-годишнината од големото проширување на ЕУ со десет нови членки во 2004 година, германската министерска за надворешни работи, Аналена Бербок, повика на брз прием на  земјите кандидати за членство од Западен Балкан: Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.

– Политичките и географските „сиви зони“ на Балканот или во источниот дел на ЕУ се крајно опасни. Не можеме да си дозволиме такви „сиви зони“, бидејќи, за рускиот претседател Владимир Путин, тие се покана за интервенција, за дестабилизација – напиша Бербок во авторскиот текст објавен по повод годишнината.

Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Чешката Република, Словачка, Словенија, Унгарија, Малта и Кипар ѝ се приклучија на ЕУ на 1 мај 2004 година.

– Ние знаеме, барем од (почетокот на) руската агресивна војна против Украина: проширувањето на нашата ЕУ денес е исто така геополитичка неопходност. Исто како и пред 20 години, милиони Европејци денес гледаат надеж и можност да станат граѓани на ЕУ. Не можеме да си дозволиме уште една цела генерација повторно да тлее во чекалницата на ЕУ, како што беше случајот на Западен Балкан. Не смееме да ја губиме можноста да ја направиме нашата Унија поголема и посилна – и затоа посигурна. Нашата генерација сега е исправена пред задачата да го одбрани и да го зајакне мировниот и слободарски проект Европа, иако тоа чини екстремно многу напори. А, за да успее тоа, неопходни се реформи, во кои спаѓа и намалување на можностите за вето во Европскиот совет – напиша Бербок.

Западен Балкан ги вклучува Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора. Брисел смета дека Црна Гора е најнапредна во пристапниот процес. Проширувањето на ЕУ се очекува најрано до крајот на деценијата.

ЕУ води разговори за пристап со Црна Гора од 2012 година. Во март, ЕУ одлучи да започне преговори и со Босна и Херцеговина, но првата меѓувладина конференција ќе биде организирана само откако ќе ги исполни земјата обврските за реформи, како што се во борбата против корупцијата и организираниот криминал.