„Имаме посебна чест што оваа изложбата годинава се реализира во куќата на доајенот на македонската ликовна уметност, сликарот Борко Лазески. Ова е куќа каде што тој долго време творел и каде е негово автентично ателје и токму оваа врска пред се е генерациски многу важна, бидејќи тој исто така беше активен член на ДЛУМ, како и член на управниот одбор. На самото отворање имавме ретка можност, благодарејќи на неговата ќерка и нашата колешка Росица Лазеска, да го видиме оригиналниот записник што тој го водел на една од седниците на ДЛУМ во 1985 година“, посочи претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска, по повод изложбата „Цртеж, експериментален цртеж“, која ќе биде отворена за јавност до 10 мај

 

Во просторот во кој творел и живеел нашиот великан, еминентниот македонски сликар Борко Лазески (1917-1993), поточно во неговата куќа во срцето на Скопје, отворена е изложбата „Цртеж, експериментален цртеж“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, поставка која јавноста ќе има можност да ја види до 10 мај. Токму неговото творештво останува да инспирира и поттикнува бројни македонски автори, а така беше и овој пат. Добитник на наградата на ДЛУМ, на оваа изложба за 2024 година, е уметницата Аница Китаноска, а признанието од фелата го доби за цртежот насловен “Лице в лице“ .

„На изложбата ‘Цртеж, експериментален цртеж’ се изложени 49 цртежи преку кои се потврдуваат два важни концепциски сегменти содржани во насловот на изложбата, почитување на цртежот како финална реализација на самостојно ликовно дело, во неговите стандардни потврдени материјали и техники, како и  поттикнување на експериментот и за вклучување на стратегии и методи, нови материјали и технологии во цртањето.

 

Посебно е интересен фактот што одлуката на ДЛУМ оваа изложба да се претстави во Венеција донесена во ноември  ланската година, кореспондира со концептите на добитниците на највисоката награда на Венецијанското Биенале 2024, Арчи Мур и Матахо Колектив, во чии ликовни инсталации цртежот е најсилна структурална и експресивна основа“, истакна Маја Рауник Кирков, претседателката на уметничкиот совет на ДЛУМ. Таа додаде дека оваа година заради ексклузивноста на местото на изложбата, ДЛУМ воведе и трета опција – инспирација од делото на Борко Лазески.

Според претседателката на ДЛУМ Јана Манева-Чупоска, оваа поставка е дел од програмските изложби на ДЛУМ поддржана од Министерството за култура. Таа посочи дека и годинава идејата беше освен во Македонија изложбата да биде претставена и надвор од државата, па така ќе може да се види и во приватна галерија во Венеција во првата недела од ноември.

“Имаме посебна чест, што оваа изложбата годинава се реализира во куќата на доајенот на македонската ликовна уметност, сликарот Борко Лазески, идеја која беше прифатена и од неговата ќерка, а наша колешка Росица Лазеска.

Ова е куќа каде тој долго време творел и каде е негово автентично ателје и токму оваа врска пред сè е генерациски многу важна, бидејќи тој исто така беше активен член на ДЛУМ, како и член на управниот одбор. На самото отворање имавме ретка можност благодарејќи на Росица Лазеска, да го видиме записникот што тој го водел на една од седниците на ДЛУМ во 1985 година. Овој документ како фотокопија ќе ни биде доставен и ќе стане дел од архивот на ДЛУМ.  Токму тој лист искуцан на машина и со своерачен потпис на Лазески ни ја даде и магијата врзана со ДЛУМ, со сите доајении, оснивачи на ДЛУМ и активноста на самиот Борко Лазески и неговиот придонес во ова здружение. Токму во овој документ имав можност да прочитам за сите состојби кои ги измачувале тогашните уметници и да ги споредам со проблемите што денес ги имаме. Ситуацијата е потполно иста, со оглед дека и тогаш разговарале за егзиустенцијата на друштвото, за статусот на ликовните уметници, за поголемо финансирање, за творештвото како процес, но и за откуп на дела од страна на државата, работи кои и денес не мачат“, посочи Манева -Чупоска.

Изложбата ja отвори евроамбасадорот Дејвид Гир на покана на ДЛУМ како еден од амбасадорите кои дале, како што вели Манева –Чупоска, “најголем импут , напор и финансиска поддршка во делот на културата и заштитата на културното наследство, а заштитата на куќата на Личеноски е еден од примерите“. Самиот евроамбасадор Гир посочи дека оваа куќа му е една од најомилените во Скопје, и една од ретките која е зачувана во овој контекст.

Инаку, како што велат од ДЛУМ, во оваа ера на огромни можности на комуникација, уметниците постојано бараат свежи начини на изразување. Цртежот, со својата вродена едноставност и разноликост, служи како плодна почва за експериментирање. Од намерното обележување на моливот до спонтаните гестови на јаглен, секој потег на празната хартија е можност да се истражува, да се поставуваат прашања и користат нови материјали и техники.

Така, во однос на техниката, авторите се претставија со класичен цртеж, а може да се види и примена на конец, горење, сечење на хартија… (Д.Т.)