Со договор за глобална подготвеност за пандемии ќе нема трговски ограничувања за итна набавка на лекови

16

Земјите членки на Светската здравствена организација (СЗО) ги прават последните напори да се усогласат за склучување договор за глобална подготвеност за пандемии, јави ДПА.

Во пресрет на пандемијата на овид, 194. земји-членки на СЗО повикаа на договор за да се осигури дека земјите се подобро подготвени да се справат со следната катастрофа и дека глобалниот одговор нема да биде толку хаотичен.

Страните сакаат планираниот договор да вклучи мрежа за снабдување координирана од СЗО, така што сите земји ќе можат да пристапат до лековите што им се потребни во итен случај без трговски ограничувања.

Слично на тоа, дел од произведените лекови или вакцини ќе им бидат дадени на посиромашните земји бесплатно или по ниска цена. Одредбите ќе важат само за земјите што ќе го ратификуваат договорот.

Договорот би стапил во сила откако 60 земји ќе го ратификуваат документот. Целта е договорот да биде усвоен на овогодинешното Светско здравствено собрание – тело за одлучување на СЗО.

Средбата треба да почне на крајот на мај.

Последната рунда разговори на почетокот на оваа година не успеа, а разговорите кои почнаа вчера се сметаат за последна шанса да се постигне договор пред крајниот рок во мај.

Во обид да се постигне консензус, преговарачите претставија многу покондензиран нацрт-договор од претходната верзија. Сегашниот се состои од 23 страници и во него се изоставени многу контроверзни одредби.

Едно од контроверзните прашања е дали и на кој начин фармацевтските компании треба да бидат обврзани да споделуваат експертиза и да обезбедат дел од своите производи на посиромашните земји.

Хуманитарната организација „Лекари без граници“ тврди дека договорот треба да се однесува на прашањата поврзани со глобалното здравје, здравствената заштита и правдата, а не само да ги штити интересите на индустријата.