Велигденски концерт на женскиот хор „Менада“ во црквата „Света Софија“ во Охрид

24

Во организација на фестивалот „Охридско лето“, а по повод големиот верски празник Велигден, ќе се одржи Велигденски концерт со православна духовна музика, со женскиот хор „Менада“ од Тетово, под диригентската палка на професор Ивица Зориќ. Велигденскиот концерт ќе се одржи на 30 април, со почеток од 20 часот, во црквата „Света Софија“ во Охрид.

„Со овој концерт, ја заокружуваме програмата што ја реализираме веќе трета година надвор од традиционалната фестивалска рамка 12 јули – 20 август. Имавме прекрасни концерти преку целата година, со кои ја потврдивме големината на долгогодишното опстојување на оваа најзначајна културно-сценска манифестација“, вели директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Женскиот хор „Менада“, предводен од диригентот проф. д-р Ивица Зориќ, е еден од најрепрезентативните хорови од нашата земја. Со своето четиридецениско дејствување, тој прерасна во еден од стожерите во развојот и опстојувањето  на хорската уметност кај нас. Хорот е основан во 1981 година, во Тетово и сите овие години е предводен од маестро Зориќ. На репертоарот на хорот редовно се застапени композиции од најразлични епохи и стилови од македонската и од светската хорска акапела и вокално-инструментална музика. Хорот е добитник на многубројни награди и признанија во Македонија, поранешна Југославија и во Европа, за што сведочат бројните настапи на фестивали, конкурси и концертни турнеи во голем број земји.

Професорот Ивица Зориќ има дипломирано, магистрирано и докторирано на ФМУ во Скопје, како прв доктор од областа на интерпретацијата во Република Македонија. Во 1977 година, го основаше детскиот хор „Лале”, а во 1981 година и женскиот младински хор „Менада” во Тетово. На репертоарот со хоровите со кои работи, има поставено повеќе од 500 композиции од различни стилови и епохи, на 18 јазици. Во македонската и во меѓународната културна јавност е познат, пред сè ,како реномиран хорски диригент. Со хоровите „Лале” и „Менада” има остварено повеќе од 1.000 настапи во земјава и во странство. Како диригент, има настапувано со хоровите на фестивали, концертни турнеи и на конкурси во 17 земји, каде што има освоено бројни награди и признанија, вклучувајќи ја и наградата за најуспешен диригент на фестивалот во Хајновка (Полска), во 1999 година. Ивица Зориќ е претседател на Управниот одбор на Меѓународниот хорски фестивал ТЕХО. Иницијатор е и основач на Балканскиот хорски форум во Тетово, во 1998 година, во кој членуваат претставници од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција, Србија и од Романија. Член е на Европската хорска асоцијација со седиште во Белгија,како претставник на Македонија во музичкиот комитет. Во 1979 година, ја доби „Деветнаесеттоноемвриската” награда на Тетово, во 1982 година – наградата „Кирил Пејчиновиќ”, во 2005 – највисоката државна награда „11 Октомври” и во 2007 година – наградата на Здружението на музички педагози за повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија.