Breaking News

Осигурителната индустрија очекува неизбрзана одлука која ќе се темели на детална анализа


Имаме најниска цена за авто осигурување во регионот. Трошоците за авто осигурување се повисоки од приходите!


Од Националното биро за осигурување се надеваат дека Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност денеска на својата седница при донесувањето на соодветен заклучок поврзан со донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното автомобилско осигурување од страна на осигурителните компании ќе направи детална и сеопфатна анализа, пред да донесе избрзана одлука.


Тие истакнуваат дека одлуката треба да ги земе предвид интересите на крајните потрошувачи, но и реалната пазарна состојба, и условите под кои работат осигурителните компании.

Фактите велат дека Осигурителната индустрија во делот на осигурување од автомобилска одговорност во 2023 претрпела загуби во износ од 176 милиони денари, и дека веќе 15 години, во периодот од 2008 до 2024 цената на АО е непроменета, иако на тоа се укажувало веќе долг период.


Во услови кога цените на автомобилите пораснале од 70% – 100%, на резервните делови за 100%, платите за  83%, индексот на трошоци на живот од 2008 до 2023 година за 52,83%, нето трошоците за спроведување на осигурувањето за 215%, апсолутно реално е да се очекува промена на цените за автомобилското осигурување.

Ниту еден од горенаведените трошоци не е регулиран од државата на начин на кој е регулирана цената на автоодговорноста и осигурителната индустрија нема контрола над овие трошоци.


Автомобилското осигурување е единствената категорија во нашата земја која 15 години не претрпела корекција а за која одредбите од Законот јасно укажуваат дека е потребна годишна промена.

РСМ е една од ретките држави каде државата сеуште има функција во утврдување на цената за задолжителната АО и покрај фактот што се работи за пазарна економија. ЕУ секоја година во Извештајот за погресот на земјата, споменува дека оваа државна интервенција е неконзистентна со Европската регулатива и дека цената мора да ја утврдува слободниот пазар, односно да се случи либерализација на овој пазар. Воедно, се става под прашање која е улогата на Комисијата при Министерството за финансии, кога осигурителната индустрија има свој регулатор Агенцијата на супервизија на осигурувањето која треба да ги следи состојбите и директно го информира Министерството за финансии на редовна регуларна основа.


Меѓутоа оваа реформа сеуште не е ни отпочната и ингеренциите за утврдување на цената на задолжителната автоодговорност се поделени помеѓу Владата, Комисијата за Автомобилска Одговорност и компаниите.

Осигурителната индустрија годишно исплаќа над 38м ЕУР штети по АО. Дополнително осигурителната индустрија ги покрива и штетите предизвикани од неосигурени возила, за што дополнително годишно исплаќа уште 1.5м ЕУР.

За да ја обавува својата функција, непречна исплата на штети и заштита на осигурениците, осигурителната индустрија мора да е стабилна и да ги следи општите пазарни движења кои директно влијаат на висината на штетите и трошоците.

Имаме најниско задолжителното автомобилско осигурување во регионот и од Националното биро за осигурување се надеваат дека денес комисијата нема да избрза, нема да носи политичка одлука, и дека ќе ги направи сите анализи со цел носење исправна и пазарно ориентирана одлука.