Линкови за пристапност

Во израелски напади загинаа најмалку 22 лица во Рафа


Бајден и Нетанјаху разговараа за војната меѓу Израел и Хамас, без знаци за прекин на огнот.
Бајден и Нетанјаху разговараа за војната меѓу Израел и Хамас, без знаци за прекин на огнот.

Палестинските здравствени власти соопштија дека во серија израелски воздушни напади во текот на ноќта загинале најмалку 22 лица во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.

Очевидци и медицински лица изјавија дека воздушните напади погодиле три куќи во Рафа.

Областа лоцирана долж границата меѓу Газа и Египет моментално е дом на повеќе од половина од населението во Газа, бидејќи луѓето бараат засолниште од израелската воена кампања насочена кон елиминирање на милитантната група Хамас.

Израелската војска соопшти дека нејзините воени авиони извршиле напади врз милитантите на Хезболах во јужен Либан.

Официјални лица на Хамас треба да учествуваат во Египет на најновите разговори за предложениот прекин на огнот на Израел, кој ќе вклучи запирање на борбите во период од неколку недели и ослободување на заложниците што ги држеше Хамас во Газа.

Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата телефонски разговараа за речиси седуммесечната војна меѓу Израел и милитантите на Хамас во Газа, но Белата куќа не даде непосреден сигнал дека е неизбежен прекин на огнот.

Во соопштението на Белата куќа се вели дека двајцата лидери „ги разгледале тековните разговори за да се обезбеди ослободување на заложниците заедно со итен прекин на огнот во Газа“.

Преговорите се водат со месеци за начините за запирање на борбите, но Израел и Хамас остануваат заглавени во разговорите со посредство на САД, Египет и Катар.

Во разговорот со Нетанјаху, Белата куќа рече дека Бајден го забележал неговиот договор со 17 други светски лидери кои бараат Хамас веднаш да ги ослободи околу 100-те заложници што ги држи и да се согласи на прекин на огнот. САД се залагаат за шестнеделен прекин на борбите.

Хамас побара Израел да ја прекине војната и да ја напушти Газа, но Нетанјаху се спротивстави и ја оддржа заканата од копнена инвазија на градот Рафа во јужниот дел на Газа, каде што се засолнети повеќе од милион Палестинци.

Белата куќа соопшти дека Бајден повторно му ставил до знаење на Нетанјаху дека САД се противат на израелски копнеен напад врз Рафа поради опасноста за Палестинците кои живеат таму.

Двајцата лидери, исто така, разговараа за зголемување на испораката на хуманитарна помош во Газа, вклучително и преку новите северни отвори кои почнуваат оваа недела.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, за емисијата „Оваа недела“ на Еј-Би-Си во неделата изјави дека привременото пристаниште за камиони за хуманитарна помош што САД го градат на брегот на Газа на Средоземното Море би можело да се отвори за две или три недели.

Повикот Бајден-Нетанјаху дојде додека американскиот државен секретар Антони Блинкен се упати на Блискиот Исток на разговори со регионалните претставници во Саудиска Арабија, Јордан и Израел од понеделник до среда.

Стејт департментот рече дека Блинкен ќе го нагласи ставот на САД дека токму Хамас е пречка за прекин на огнот. Се вели дека највисокиот американски дипломат „исто така ќе ја нагласи важноста од спречување на ширењето на конфликтот и ќе разговара за тековните напори за постигнување траен мир и безбедност во регионот, вклучително и преку патот кон независна палестинска држава со безбедносни гаранции за Израел“.

Хамас уби 1.200 луѓе во првиот напад во Израел минатиот октомври и зароби околу 250 заложници според израелските податоци.

Во последователната одмаздничка контраофанзива на Израел во Газа загинаа повеќе од 34.400, според Министерството за здравство на територијата што ја контролира Хамас, при што Израел вели дека бројот на загинати вклучува неколку илјади милитанти на Хамас што ги уби.

Се верува дека Хамас сè уште држи околу 100 заложници, заедно со останките на 30 или повеќе заложници кои или биле убиени или на друг начин умреле во следните месеци.

Исто така во неделата, Централната команда на САД и Кралските јордански воздухопловни сили „спроведоа комбинирана хуманитарна помош во северниот дел на Газа за да обезбедат суштинско олеснување за цивилите во Газа погодени од тековниот конфликт“, се вели во соопштението на ЦЕНТКОМ.

„Заедничката операција вклучуваше храна од Јордан и четири авиони Ц-130 на американските воздухопловни сили. Американските Ц-130 испуштија над 25.000 оброци подготвени за јадење“, соопшти ЦЕНТКОМ.

„До денес, САД фрлија речиси 1.110 тони хуманитарна помош“, се вели во соопштението.

ЦЕНТКОМ, исто така, објави дека „успешно ангажирал“ пет воздушни беспилотни летала над Црвеното Море. Не беше прецизирано потеклото на беспилотните летала, но во последните месеци американските сили работеа на заштита на бродските коридори на Црвеното Море и Аденскиот Залив од нападите на милитантната група Хути со седиште во Јемен.

Некои материјали во овој извештај дојдоа од агенцијата Франс прес.

XS
SM
MD
LG