Започна судењето на членовите на групата „Граѓаните на Рајхот“

Првиот од трите процеса против членовите на таканареченото движење Reichsbürger – „Граѓани на Рахјот“ започна пред Високиот регионален суд во Штутгарт во понеделникот, кои се обвинети за основање терористичка група и правање планови за уривање на уставниот поредок на Германија.

Покрај приклучувањето кон терористичка организација и планирањето државен удар, односно велепредавство, еден од обвинетите се товари и за обид за убиство затоа што застрелал полицаец при неговото апсење на крајот на 2022 година.

Во Штутгарт пред судот беа изведени членовите на ткн военото крило „Граѓаните на Рајхот“, вклучително и поранешен офицер на Бундесверот.

Вториот од трите судски процеса треба да започне во Франкфурт на 21-ви мај, а Хајнрих XIII, исто така, треба да биде на обвинителна клупа во тој судски процес, односно принцот Ројс, кој се смета за водач на движењето. Во јуни во Минхен треба да започне третиот процес.

Судските органи соопштија дека предметот е поделен на три судења поради обемот на материјалот и бројот на обвинети. На обвинителна клупа треба да бидат вкупно 27 членови на движењето „Граѓаните на Рајхот“, група која не ја признава СР Германија или нејзините институции.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер го означи почетокот на судењето како доказ за функционирањето на правната држава.

„Фактот што најголемата терористичка група во историјата на СР Германија стои пред судот ја покажува силата на нашето владеење на правото“, рече Фазер (Социјалдемократската партија на Германија, SPD) за јавниот радиодифузен сервис ZDF.

Фезер најави и поостра борба на владеењето на правото против десничарските групи како „Граѓаните на Рајхот“.

Судењето во Штутгарт почна со повеќе од еден час доцнење поради огромната маса луѓе пред судот.
Процесот во Штутгарт треба да трае до јануари следната година.

Членовите на „Граѓаните на Рајхот“ на кои сега им се суди беа уапсени во текот на рација спроведена кон крајот на 2022 година, кога беа претресени 150 станови низ Германија поради индиции дека членовите на групата подготвувале вооружен државен удар.

Меѓу обвинетите се наоѓа и еден поранешен офицер на германската армија Бундесверот кој бил задолжен за „воените сили“ на идниот „Рајх“, како и судијката Биргит Малсак-Викелман, која до моментот на приведувањето ја извршувала функцијата на парламентарна пратеничка на десната евроскептична и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD).

Таканаречената организација Граѓани на Рајхот не ја признава СР Германија во денешната форма и општествено уредување и се повикува на границите на Германија кои досегаат далеку пред Втората светска војна во 1871 година. Групата верува дека Германската империја продолжува да постои, со земјата и териториите што ги држеше пред Втората светска војна.

Тие сметаат и дека Германија не е држава, туку всушност концерн во сопственост на САД. Идниот поглавар Принцот Ројс, според нив, би требало со западните сојузнички сили да преговара за нов поредок во Германија.

Тие одбиваат да плаќаат даноци и прогласуваат мали „национални територии” на своите имоти кои ги нарекуваат „Втора Германска Империја“, „Слободна пруска држава“ и „Војводство Германија“. Досега главно доаѓаа во судир со властите поради непризнавање на документите на СР Германија, како и негирање на институциите, како што е на пример даночната управа.