Предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за образованието е реална и остварлива

Разгледувајќи ги предизборните програми на политичките партии во делот на образованието, науката на СДСМ, нејзините коалиции пред се на ДУИ кои наизменично го водат образованието овие скоро седум години, во нивните изборни програми им стои едно големо:„ ЌЕ НАПРАВИМЕ КВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ“!!!???? Практиката ни покажува дека образованието на сите степени на образовниот процес е руиниран и е во длабока криза. Во моментов, образовниот систем во Македонија го тресат голем број скандали од обелоденувањето на  квазинаучни трудови и препишување, трудови што се целосно плагијати, до непотребни заеми од Светска банка за небулозни, беспредметни и некорисни проекти. Всушност, образовниот систем во Македонија, само ја отсликува македонската политичка стварност. Така, во многу сегменти од образованието, сведоци сме на неспособност, беззаконие, неорганизираност, корупција, малверзација, злоупотреба, сервилност, дефетизам, недостиг на контрола, непотизам и задоволување на партиските интереси. Образованието во Македонија е во криза, а деградацијата на образованието  е застрашувачка. Нема образовна политика туку има политика во образованието на сите степени од образованието.

Која е причината за слабите резултати од ПИСА тестирањата?

Зошто изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за образованието е реална и остварлива

Дали некому му се допаѓа или не новата Влада на Република Македонија ќе ја предводи  ВМРО-ДПМНЕ со нејзините коалициони партнери. Тоа го покажаа граѓаните на Македонија, во првиот круг претседателски избори, а тоа убедливо ќе се повтори и во вториот изборен круг за претседателски и парламентарни избори. Тоа го бараат граѓаните на Македонија! 

Образованието како еден од столбовите на државата треба да биде структуирана според потребите  на поединецот, пазарот на трудот и заедницата. Образованието има клучна улога  во обликувањето на личноста, идентитетот, со акцент на зачувувањето и промоцијата на македонскиот идентитет, економскиот развој, социјалната кохезија и развојот на демократијата. Владата на ВМРО-ДПМНЕ се обврзува  дека:

  • Буџетските средства за образованието ќе ги зголеми од 3,4% на 5% од БДП;
  • Во соработка со реалниот сектор ќе ги зголеми средствата за апликативна наука на 1% од БДП;
  • Ќе се прилагоди македонското образование на потребите на пазарот на трудот и националните потреби  на Македонија;
  • Ќе се изврши сеопфатно подобрување на образовната инфраструктура;
  • Низ повеќегодишна стратегија ќе се создадат предуслови нашите ученици да напредуваат на светските рангирања на знаења;
  • Преку поддршка на универзитетите ќе се постигне  забрзан развој на науката и значајно позиционирање на најмалку   еден македонски универзитет на светските ранг листи; и
  • Со активни политики ќе се работи на задржување на младите и реализирање на нивниот потенцијал во Македонија;

Со ова мое пишување сакам  да дадам една  мала анализа за  изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ во делот на образованието  каде што се придружувам кон сите оние научни институции кои пишуваат за образованието и системите на воспитанието и образованието. А таа изборна програма во делот на образованието на ВМРО-ДПМНЕ е поткрепена и надградена од извештаите и анализите на стручно-научните анализи, како на домашните образовни експерти, надоврзани со образовните експерти и согледувања на Европската комисија (ЕК), ОЕЦД, Светска банка, УНИЦЕФ… за образованието  во делот на предучилишното, основното, средното, високото образование за пристап до Квалитетно образование за сите степени со воспоставување соработка меѓу компаниите, средните стручни училишта, стопанските комори и МОН. За поддршка на пракса на учениците во приватните компании подржани од јавно-приватно партнерство и слично.

Ќе се обидам да го анализирам накратко формалниот систем на воспитанието и образованието од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ како ОБРАЗОВАНИЕ НА ИДНИНАТА па така, после долги години, предучилишното воспитание и образование си  го наоѓа своето место, таму каде што му припаѓа во системот на воспитанието и образованието, во рамките на Министерството за образование и наука, за што станува примарен и почетен степен на системот на воспитанието и образованието, согласно стручно-научните сознанија од развиените земји и воспитно-образовните системи.

  Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ стои:

 Предучилишното воспитание и образование ќе стане потсистем на образовниот систем во рамките на Министерството за образование и наука (МОН) бидејќи има значајно влијание врз развојот на децата и нивно подготвување за основното образование. Предучилишните програми и програмите за основно образование треба да имаат тесна поврзаност и континуитет. Со поставување на ваквите заеднички цели и стандарди ќе се постигне целосен развој на детето (когнитивни, емотивни, социјални и физички вештини), лесна адаптација и подготовка за активно учење, континуитет во учењето и поддршката на детето со негување на интересите и културните разлики, како и подготвување за следното ниво на учење во основното образование.

Основното образование по опфатот на ученици и според важноста и актуелноста преставува централен фундаментален и базичен систем на целокупниот воспитно-образовен систем, инкорпорирајќи го во себе примарното и задолжително основно деветгодишно образование.

 Таканаречената, Концепцијата  што ја туркаше Цароска, а продолжи да ја турка и овој министер Јетон Шаќири за Основното воспитание и образование, која беше и е критикувана и  оспорувана од стручната и научната фела (УКИМ, МАНУ и другите институции), родителите, наставниците, политички продолжија да ја  имплементираат, и створија хаотичност во наставните планови и  програми во основното образование  во нејзината  неосмислена примена.

 Па така, во делот на   Основно воспитание и образование во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ стои и со право се бара  да се направи: ЦЕЛОСНА РЕВИЗИЈА НА КОНЦЕПЦИЈАТА ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ,  при што при таа ревизија до израз ќе дојдат мислењата, согледувањата од   јавните расправи со наставниците, родителите и со директорите во сите региони од државата. Во предметната настава, науките-Историја, Географија, Биологија, Физика и Хемија ќе го добијат местото на наставни предмети, акцент ќе се стави на предметите од национално значење како што се македонскиот јазик, историјата, географијата, музичката и ликовната уметност кој ќе бидат законски заштитени. А, воедно, особено внимание ќе се посвети на дигиталната писменост на младите преку зголемување на фондот на часови и осовременување на часовите по информатичка технологија.

Во овие рамки, во  основното како и средното образование во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ се обврзуваат да направат сеопфатна ревизија на наставните планови и програми заради нивно подобрување, со што, ќе се   обезбеди поголема инклузивност во образованието, ќе се обезбедат услови за  применливото теоретско и практично образование според потребите на пазарот  на трудот, со зајакнување на дуалното образование. Со тоа  ќе се обезбеди севкупен развој на државата и подобри услови за подигнување на можноста за вработување и задржување на креативниот потенцијал на земјата… Во овој дел треба да се потенцира дека од учебната 2025/26 година, секој ученик ќе има учебник по секој предмет, како во основното, така и во средното образование, како и  изготвен  дигитализиран  наставен материјал со интерактивни содржини, аудиосодржини и гејмицифирани програми.

Во делот на инклузивното образование во мандатот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се зголеми инклузијата на децата Роми во основното и во средното образование. Ќе продолжи со подршка  на децата Роми преку образовните медијатори  и преку стипендии. Исто така, ќе се трансформираат средните училишта за деца  со попречености ќе прераснат во државни средни училишта со ресурсен центар, а државните средни училишта за деца со кокомплексни попречености во државни средни училишта со дневен центар за работна окупација. Со ваков вид  трансформација ќе се подобри средното образование за учениците со попреченост, а учениците со комплексни потреби ќе развиваат животни вештини, ќе бидат работно ангажирани и ќе се оспособуваат за одредени работни операции од одредени струки и занимања, согласно нивните можности, афинитети и способности.

Едносменска настава во училиштата

Во изборната програма Владата на  ВМРО-ДПМНЕ, во делот на    образованието, континуирано   ќе создава инфраструктурни услови за едносменска настава во училиштата и продолжениот престој (целодневна настава) и истото до крајот на мандатот ќе го оствари за сите ученици во државата. Со едносменската и целодневната настава ќе се овозможи соодветен престој на учениците во училиштето, позиционирање на ученикот во центарот на наставата, безбедност на учениците, развој на воннаставните активности и поголем степен на социјализација. Во првите 100 дена, од доаѓањето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ на власт, ќе направи мапирање на состојбите во сите воспитно-образовни институции. Со мапирањето ќе се направи  преглед и анализа  на постојните услови и потребите во образовните институции, како и конкретен  предлог за изградба и реконструкција. Оваа иницијатива ќе се реализира преку соработка со општините и универзитетите, со кои заедно ќе се процени потребата за градба и реконструкција. Со извршените реконструкции ќе се промовира енергетска ефикасност и користење   на обновливи извори на енергија, пристапност на училиштата и факултетите, со цел да се обезбедат подобри услови и пристапност за учениците и вработените, особено  оние со попречености. Владата на ВМРО-ДПМНЕ се обврзува во својот мандат да ги доизгради и да ги пушти во употреба  зградите  на Факултетот за физичка култура и ФИНКИ, во согласност со потребите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Во овие рамки Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе инвестира 25 милиони евра што ќе бидат наменети за целосно реновирање и реконструкција на студентските домови, со цел обезбедување на достоинствени услови за живот  и учење  на студентите. По направеното мапирање и анализа  на потребите, ученичките домови, исто така ќе влезат во програма за реновирање, но и постојан мониторинг на одржување на квалитетот.

Мотивираност на наставничкиот кадар

Владата на ВМРО-ДПМНЕ се обврзува дека во центарот на вниманието ќе  биде наставничкиот стандард, со кој мотивираниот  наставнички кадар  е неопходен услов за  подобрување на квалитетот  на образованието, со кој  владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе  ги почитува социјалните партнери што ги застапуваат  правата на наставниците, со што Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го потпише  колективниот договор од областа на образованието и исплатата на платите на вработените во образованите институции и ќе се реализира согласно со потпишаните  колективни договори до крајот на мандатот.

Во овој дел ќе се овозможи и професионален и кариерен развој  на наставниците  и стручните соработници и по исполнување на  одредени услови да напредува  во звање (советник) без ограничување и поврзување на бројот на наставниците кои напредуваат во кариерата со училиштето во кое работат наставниците. Со што ќе се овозможи повеќе советници во едно училиште да ја зголеми конкурентноста „натпреварувањето“ во знаење и постигања  помеѓу наставниците во самото училиште,  но и помеѓу училиштето во рамки на општината/државата.

Што со неформалното образование

Во делот на Образование на возрасните, односно неформалното образование ќе се  унапредува преку афирмирање јавна промоција и информирање на младите за видовите програми и можности што ги нуди неформалното образование, со запазување на квалитетот  во понудата на квалификации, поедноставување на процедурите и скратување на временскиот рок за верификација на програмите и институциите. Со што ќе се направи системско признавање и валидација на квалификациите стекнати преку неформалното образование заради олеснување при вработувањето.

Какво ни е високото образование и науката

Во делот на подсистемот на високото образование и науката во Македонија, состојбите се алармантни. Само кога ќе се напомене дека на подрачјето на Република Македонија, не постои научна институција која го третира, проучува и истражува образованието. (Не) функционира Агенцијата за квалитет на високото образование. (Не) функционира Националниот совет за високо образование. Евидентен е процесот на намалување на научно-истражувачките капацитети, изразени преку стагнација во обновувањето на наставен научен кадар, замирање на институтската работа, гаснење на истражувачките јадра во стопанството и непостоење на соодветна научна инфраструктура. Хипертрофија на универзитетска мрежа-24 универзитети со над 130 факултети и над 600 студиски програми, без добро подготвена аналитичко-предвидувачка основа, посебно од аспект на критериумите и стандардите на квалитет и на потребите на пазарот на трудот. Додека во ЕУ јавните вложувања во образованието изнесуваат околу 5% од БДП, а во земјите од регионот околу 4%, показателот за Македонија е под просек во регионот. Индикаторот за научно-истражувачката интензивност, односно вложување во науката изнесува само 0,22% и е меѓу најниските во регионот.

Надминување на состојбата во високото образование и науката

За што се обврзува во изборната програма ВМРО-ДПМНЕ за образованието и науката

Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за образованието и науката  се обврзува на системска поддршка за целосна ревитализација на македонските високообразовни установи. Во соработка со универзитетите, приватниот сектор и сите политички чинители, целосно ќе се реосмисли системот на високото образование. Со што ќе  мора да се базира на иновации и динамичен  технолошки развој, меѓународна соработка со европски и светски високообразовни институции за да овозможи подобар стандард и мотивација на наставничкиот кадар за научно-истражувачка работа.

Со што се предвидува формирање на Национално координативно тело за реформи во високото образование, науката и истражувањето и развојот со  учество на претставници на универзитетите и научните институции, МАНУ, МОН, бизнис заедницата и граѓанскиот сектор, раководено од Владата. Целта на ова тело, покрај унапредување на образованието во Македонија, е и критичко  преиспитување на универзитетската мрежа, како и обврските што ќе  придонесат за воведување европски стандард и критериуми за квалитет на високо образование. Со што ќе биде врвен приоритет и подигање на сите видови образование со акцент на високото образование и на научноистражувачката дејност. Ова координативно тело во неговата работа максимално ќе се запазуваат вредностите на градење на општествен консензус почитувајќи ги ставовите на сите заинтересирани субјекти и институции.

Со што треба да биде поврзано Високото образование ?

Ако постои неусогласеност на системот на образование со ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ ВО МАКЕДОНИЈА ќе биде една од причините за појава и одржување на структурна невработеност. Практиката тоа го покажува!. Затоа за надминување на ваквите состојби, неопходно е:

  • Поддршка на модернизацијата на студиските програми и методите на предавање и учење, која треба да ја прават универзитетските и приватниот сектор;
  • Развивање практична работа на студентите во компании и институции во текот на нивното студирање;
  • Зајакнување на програми за за двојна диплома на високообразовните институции, кои се особено значајни за зголемување на знаењата и вештините и воведување меѓународни програми со светските универзитети и
  • Потикнувачки мерки за запишување на студенти на факултетите за природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките науки со ослободување од партиципација и зголемена месечна стипендија.

Со ваквата сеопфатна анализа посебно на дефицитарните професии, во соработка со  приватниот сектор, ќе се конципира програма за воведување на стипендирана квота за поддршка на студенти во сите циклуси на наобразба. Финансирањето  ќе опфаќа покривање на сите трошоци за студирање и сместување, како и месечен надоместок за трошоците за живот во текот  на целото студирање. Завршените студенти потоа ќе бидат ангажирани во јавниот и приватниот сектор во државата, со што ќе се намали нивното иселување и ќе се поттикне изборот на овие дефицитарни професии.

 Каде се наоѓаат македонските универзитети и наука

Повеќе години во моите книги пишувам каде на светските ранг листи се наоѓаат нашите македонски универзитети, и за жал, академските рангирања на светските универзитети покажуваат  дека нашите македонски универзитети се    наоѓаат на маргините за квалитет и евалуација. Од академското рангирање на светските универзитети на т.н. Шангајска листа (ShangagaHai Rancing Consultancy) меѓу првите илјада универзитети во светот нема ниту еден од Македонија. Зарем ова не е загрижувачки?

 Дека македонските универзитети се најмногу фокусирани на образованието, а многу помалку на науката, истражувањето и иновацијата. За ова  доволно говори донесениот Владин буџет (5,5 милијарди евра) за оваа година, со неприфаќање на амандмани на опозиционерските пратеници во делот во кој се предлага да се обезбедат повисоки средства за унапредување на науката и научноистражувачката работа( Од  вкупниот Буџет на Република Македонија, за наука во проценти се издвојува по години: во 2014 – 0,45%, 2015-0,40%, 2016-0,26%, 2017- 0,24%, 2018-0,15%, 2019-0,14%,2020-0,12%, 2021-0,16%, 2022- 0,15%, 2023-0,08% (Извор: Буџет на Република Македонија),  за фондот за надградба на талентирани ученици или за дигитализација на високото образование за неопходна реконструкција на високообразовната инфраструктура или да се обезбедат средства во висина за продолжување со изградба на објектите наменети за ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје  при УКИМ-Скопје…  Во повеќе наврати пишував и ги прашував и пак ги прашувам поставените поранешни министри, како и овој сегашниов  министер за образование и наука Јетон Шаќири. Кога планирате да посетите еден приватен или државен универзитет во Македонија и да видите како се применува Законот за високо образование? Законот за научноистражувачката дејност? Како работи и делува Агенцијата за квалитет на високото образование, нивните одбори? Формираниот национален совет…? Многу прашања, малку одговори или одговори во магла! Одговор и не очекувам. Секако останува тие промени да се направат по парламентарните избори со  друга Власт. Власт на ВМРО-ДПМНЕ.

  Науката-клучен фактор за развој на државата

Науката игра клучна улога во економскиот раст и севкупниот општествен развој преку создавање услови за иновации и подобрување на продуктивноста. Владата на ВМРО-ДПМНЕ во соработка со реалниот сектор ќе обезбеди 1%отсто од БДП за наука, развивање на потребната научна инфраструктура, создавање услови на меѓународна соработка и формирање на интердисциплинарна  мрежа, овозможување на обука на истражувачите, отворен пристап до информации, како и развивање на етички стандарди со цел развиток на прогресивната мисла.

Со цел потикнување на научна активност со апликативна дејност за Македонија, ќе се стимулираат истражувачки трудови. Според  дефинирана методологија за објавени трудови во списанија со фактор на влијание кои се дел од Web of Science ( Thompson reuters)  нивното објавување ќе се финансира. Дополнително, владата на ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на првонаведениот автор да му исплаќа месечен надоместок во висина од 50%  од неговата месечна плата во период  од една година. Во овој дел се предвидува и ќе се мотивираат Државните универзитети сите студенти и научници да објавуваат  и издаваат во научни списанија во базата на E-SCIENCE.MK.

Негувањето на македонскиот јазик како национално идентитетско обележје ќе преставува еден од приоритетите на владата на ВМРО-ДПМНЕ.  За таа цел ќе се финансираат научни проекти и ќе се спроведат активности за негова правилна  употреба. Особено внимание ќе се обрне на учење  на македонскиот јазик како заеднички јазик на разбирање во земјата и зајакнување на социјалната кохезија. Во овој дел посебна активност на Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе активности за грижа за лекторатите, како и за изучување на македонскиот јазик во дијаспората.. во соработка со домашните универзитети, локалните заедници  и приватниот сектор, планирање и организирање  и на  меѓународни  летни школи и кампови.

ПРОМЕНИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО  СЕ ВО ТВОИ РАЦЕ МОИ ЧИТАТЕЛИ!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес