Достапни линкови

Од голф-терени до легални биткоини во партиските ветувања за изборите


Илустрација
Илустрација

Патека за мото-трки, карлинг, жичница и адреналински парк на Водно, урбана шума покрај Вардар, биатлон стадион во Крушево, се меѓу ветувањата за претстојните парламентарни избори. Според аналитичарите, програмите само се пишуваат за да изгледаат убаво и не се води сметка колку се тие реални или не.

Држава во која трговијата со крипто-валутите е легална и во банка може да се купи биткоин, а постои и електронски денар. Граѓаните и туристите може да се релаксираат играјќи голф или хокеј, а номадите „копнеат“ да живеат овде и тоа ќе им биде олеснето со специјални визи. Во земја во која учениците немаат учебници, до училишта што ќе ја користат вештачката интелигенција.

Ова се дел од трансформациите што би ги доживеала Северна Македонија за четири години од сега ако им се верува на партиските програми за парламентарните избори закажани за 8 мај.

Но изгледа дека ретко кој ги чита изборните програми, а уште помалку им верува на ветувањата, па дел од политичките партии на овие избори не ги ни отпечатија, туку ги имаат само онлајн.

Економијата – растот на платите и пензиите и подобриот животен стандард, борбата против корупцијата, евроинтеграциите и зачувувањето на националниот идентитет, функционалната администрација се темите кои се фокусот на кампањата.

Мото-трки, уметничко лизгање, биатлон стадион, музеј

Но, во стотиците страници може да се најдат и проекти кои „отскокнуваат“ од вообичаените ветувања. Меѓу нив се, на пример, голф-терени, кои се меѓу ветувањата на социјалдемократите.

„Ќе воведеме давање под закуп на државно земјиште за развој на аутлет-молови и голф-терени, кои ќе придонесат кон збогатување на туристичката понуда. Оваа мерка ќе цели да ги искористи неискористените ресурси за создавање на нови туристички и рекреативни простори“, пишува во програмата на СДСМ.

Тие ветуваат и изградба на Европски спортски центар „Кале“ тежок четири милиони евра, со затворени лизгалиште олимписки базени за да го развиваат уметничкото лизгање, хокејот, карлингот … Во Петровец, пак, СДСМ сака да гради регионална и европска мото-стаза за мото трки, картинг итн. Планот е и Крушево да се мапира како град каде постои еден од 20-те стадиони за биатлон.

Со спортските проекти не заостанува ниту ВМРО-ДПМНЕ. Партијата планира национален спортски центар „Методија Андонов – Ченто“ со нов фудбалски стадион, повеќе спортски сали, административни простории за спортските федерации, фитнес сали, спортски музеј…

Жичница или адреналински парк на Водно

Во своите програми на двете најголеми партии не го забораваат ниту Водно. Социјалдемократите покрај пошумување на планината, предвидуваат дека следната година ќе почнат да градат адреналински парк на падините на Водно вреден 20 милиони евра.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, планира „реинкарнација“ на стариот проект и изградба на жичница од Скопје до Водно.

За главниот град, каде има најмногу гласачи, опозициската партија ветува дека долж реката Вардар, од Карпош 4 преку Центар до Ново Лисиче ќе прави урбана шума со садници, а социјалдемократите ќе го претвораат лунапаркот во забавен парк „Скопјеленд“.

Легална трговија со биткоини

Крипто-валутите, исто така, најдоа место во програмите кај двете партии.

СДСМ наведува дека ќе ги легализира и регулира и ќе им овозможи на граѓаните што имаат биткоини или други стабилни криптовалути „да ги разменуваат на легален начин, а домашните компании да вршат трговија кон странство во криптосредства“.

И ВМРО-ДПМНЕ ветува дека ќе ги дефинира овие валути и ќе им овозможи на банките да продаваат и чуваат крипто-средства на приватни физички лица, но и нула ДДВ за тргување со нив.

Оваа партија предвидува и да воведе визи за дигитални номади кои ќе може да ги добиваат странци што би сакале да живеат од три до 12 месеци во земјава под услов да имаат обезбедена работа на далечина кај странска фирма. Вака, опозицијата смета дека и помогне на локалната економија и ќе ја направи државата „видлива на меѓународно ниво“.

„Пишуваат ветувањата за да изгледа убаво на хартија“

За да се нижат и вакви и стандардни инфраструктурни ветувањата, партиите треба да ја земаат реалната моќ што ја има државата, смета политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.

„Реално политичките партии ги пишуваат нивните изборни програми колку да бидат убави и лични на хартија и не земаат предвид економската моќ и финансиските можности на државата за реализирање на тие ветувања. Доволно е само да се види колку од тоа што ветиле, исполниле. Ако земеме дека инфраструктурните проекти не се реализирани што останува за другите споредни работи“, вели Пекевски.

Аналитичарот Александар Цветковски вели дека инфраструктурен проект може да биде реален секаде ако некој сака да потроши пари, но прашање е колку тоа би било корисно.

„Голф терени, жичници тоа не е нешто што кај нас би се искористило и би имало муштерии на сето тоа. Забавни паркови. Прескапо им е и во странство кога одат, а не па овде. Проблемот е во друго, тие ветуваат работи како што е борба против корупцијата, но никој не кажува како. Никој не кажува што со судството. На пример, еден јасен план за судството не можеме ни да чуеме освен оние општи ветувања. Не можеме еден план за обвинителите да чуеме“, вели вели Александар Цветковски, претседател на невладината организација Асоцијација за граѓанска толеранција и соработка (АГТИС). Тој смета дека и онаму каде што има сериозни ветувања и планови, тоа ќе остане само „фолклор“.

Покрај посочените проекти кои паѓаат во очи од програмите на двете најголеми партии, меѓу ветувањата има и такви кои граѓаните ги слушаат со децении – изградба на Клинички центар во Скопје, конечно завршување на автопатот Кичево-Охрид, брза пруга и железничко поврзување со регионот и крак до скопскиот меѓународен аеродром за граѓаните да може да отидат до таму со воз итн.

Претстојните парламентарни избори за кои партиите и коалициите ги пишуваа програмите, ќе бидат 11-ти по ред од 1990 година. На 8 мај ќе се гласа и во вториот круг од претседателските избори во кој ќе се соочат кандидатите поддржани од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалиции – Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG