Breaking News

ЕП започна кампања за поттикнување на излезноста на Евроизборите 


Европскиот парламент од денеска започнува кампања за поттикнување на граѓаните на ЕУ да учествуваат на Евроизборите закажани за од 6 до 9 јуни годинава, чија примарна цел е да се зголеми одѕивот на гласачите.


 Идејата на кампањата е да се пренесе пораката: „Користете го вашиот глас, не дозволувајте толку лесно да ви биде одземена демократијата. Таа е дадена, вие треба да ја браните“.


 Почнувајќи од првите директни избори за европратеници во 1979 година кога одѕивот беше 61,99 отсто, тој беше во опаѓање на секое следно гласање, паѓајќи под 50 проценти на сите избори по 1999 година, за да ја достигне најмалата излезност од 42,61 отсто во 2014 година.

На последните избори за членови на Европарламентот во 2019 година, во сенка Брегзитот, одѕивот беше 50,62 проценти.


 Во фокусот на кампањата се ставени историјата на демократијата во Европа, руската инвазија врз Украина и антидемократските трендови на континентот, со потсетување на искуствата на Европејците со диктатурте и војните, Холокаустот, Прашката пролет од 1968 година, падот на Берлинскиот ѕид, па се до и достигнувањата на европскиот мир.

 – Демократијата е во опасност. Искористете го вашиот глас или другите ќе одлучат наместо вас, повикува Европарламентот.


 За спроведување на оваа кампања Европскиот парламент издвои буџет од 37 милиони евра, што претставува 0,08 евра по глава на граѓанин на ЕУ со право на глас на Евроизборите.

 Својата последна предвидена пленарна седница во сегашниот состав Европскиот парламент ја одржа минатата недела. сп/ Фото: Фејсбук и Икс  .


Извор: МИА