Достапни линкови

Два проблема што Бугарија не може да ги реши


Девојка држи огромно бугарско знаме за време на протестот во септември 2020 година пред зградата на парламентот во Софија
Девојка држи огромно бугарско знаме за време на протестот во септември 2020 година пред зградата на парламентот во Софија

На прв поглед може да се каже дека Бугарија е на прилично добар пат. Земјата е членка на Европската Унија и НАТО. Премиерот Димитар Главчев вети дека ќе ја зголеми поддршката за Украина. А сегашната влада го удвои планот на Бугарија за воведување на еврото во 2025 година.

Сепак, по распуштањето на претходната прозападна влада на Николај Денков, последната привремена влада, која беше именувана на 9 април, се состои главно од „олдтајмери“ од поранешната владејачка партија. Се чини дека малку е променето, пишува Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.

Двете неодамнешни привремени владини назначувања го свртеа вниманието на јавноста.

Прво, новиот министер за правда, кој претходно беше заменик државен обвинител во моќната канцеларија на јавниот обвинител, ја одложи расправата за многу потребните реформи во судството. Предложениот закон, кој „би ги пресекол крилјата“ на моќниот јавен обвинител и се смета за клучен чекор во борбата против поткупот, сега е во застој.

Второ, за нов министер за енергетика беше назначен Владимир Малинов, поранешниот шеф на Булгартрансгаз, државниот оператор на гасоводна мрежа. Ова покрена прашања околу одлучноста на Бугарија да се бори со руското влијание, имајќи предвид дека токму Булгартрансгаз ја надгледуваше изградбата на контроверзниот гасовод „Турски тек“, што е заеднички проект меѓу Гаспром и Турција кој транспортира гас од Русија во Турција под Црното Море.

Гасоводот беше широко критикуван за поткопување на бугарските интереси и поради тоа што со него управува нивниот главен корисник: Русија.

Додека политичарите свират на музички столчиња, патологијата на бугарската политика сè уште е во голема мера иста. Како што земјата се приближува кон шестите парламентарни избори за три години, кои ќе се одржат на почетокот на јуни, остануваат две трајни широкораспространети прашања: корупцијата и злонамерното влијание на Русија.

Во последните две години бугарската политика е инертна, а анкетите на прво место ја ставаат коалицијата на две централнодесничарски партии, ГЕРБ и Сојузот на демократски сили (СДС), а по неа е реформската коалиција „Продолжуваме со промените“ и Демократска Бугарија (ПП-ДБ). Либералното Движење за права и слободи (ДПС), кое традиционално го претставува бугарското етничко турско и муслиманско население и е предводено од бизнис магнатот и политичар Дејлан Пеевски, санкциониран од САД и екстремно десната, проруска преродба се борат за трето место.

Најмалата партија сега во Националното собрание, еднодомниот парламент на Бугарија, е популистичката партија Има таков народ (ИТН). Според една неодамнешна анкета на Галуп, партијата има поддршка од околу пет отсто и на следните избори би можела да го надмине прагот од четири отсто што е потребен за влез во парламентот. ИТН се појави пред три години како популистичка партија спротивна на ГЕРБ, која доминира во бугарскиот политички живот од 2009 година.

Смртта на „Нотарот“

Широката корупција со години ја уништува Бугарија, со „лукави“ процедури за јавни набавки, лобирање и наводно купување гласови. Бугарија со години е најкорумпираната земја во Европската Унија, според Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл, но во 2023 година беше претпоследна, додека Унгарија ја освои „дрвената лажица“.

Решавањето на проблемот со корупцијата го комплицира актуелната состојба во судството, кое е на големо критикувано за потчинување на интересите на политичарите.

На 31 јануари во главниот град на Бугарија, Софија, беше убиен Мартин Бојанов, кој бил вмешан во имотна измама, наречен „Нотар“. По неговата смрт, се појавија докази дека Бојанов водел мрежа преку која се вршеле влијанија во судството, па дури и наводно поседувал приватен клуб до кој имале пристап обвинители, судии и полицајци. Во замена, Бојанов, наводно, обезбедил одреден степен на имунитет во истрагата од страна на полицијата или обвинителството.

Независно од тоа, во Бугарија ретко се решаваат вакви случаи, а поборниците за реформи во правосудството велат дека истражителите се тие кои всушност треба да истражат, бидејќи гнилежот допира до врвот.

Министерот за внатрешни работи Калин Стојанов беше критикуван дека прикрил информации за врските на „Нотарот“ со неговото министерство. Сепак, партиите ГЕРБ и ДПС ги отфрлија критиките и со нивна поддршка Стојанов останува министер.

Ваквите тврдења, заедно со неизбежните негирања, се составен дел на бугарската политика.

Иако поновите политички партии како „Продолжуваме со промените“ дојдоа на власт благодарение на широкото јавно незадоволство од корупцијата и водеа кампањи за антикорупциски програми, тие имаа мал успех во реформирањето на судството.

Политичарите од реформската коалиција ПП-ДБ ги обвинија лидерите на ГЕРБ и ДПС, Бојко Борисов и Пеевски, дека ги „презеле“ Канцеларијата на главниот обвинител и безбедносните служби со назначувањето на нивни лојални луѓе на високи позиции. Како одговор, Борисов и Пеевски ја обвинија ПП-ДБ дека сака самите да го контролираат судството. На 7 февруари Парламентот формираше специјална комисија за истрага на аферата „Нотар“, но состаноците беа бојкотирани од претставници на ГЕРБ и ДПС, со поддршка на ИТН и Препород.

Мал апетит за реформи

Со новата министерка за правда, Марија Павлова, тешко дека овој парламент ќе донесе нов закон за правда. Во нејзината претходна улога, таа работеше во Канцеларијата на јавниот обвинител, силен столб на правосудството. Канцеларијата е цврсто против судските реформи бидејќи таквите промени значително ќе ги намалат нејзините овластувања.

И покрај тоа што блокот ПП-ДБ се залага за специјална парламентарна комисија за истрага за изградбата на гасоводот Турски тек, владата на ГЕРБ-СДС и поранешниот премиер Борисов, кои беа на власт кога беше изграден гасоводот, одбија да прифатат какви било прашања поврзани на проектот.

Жешките прашања на корупцијата и руското влијание често се испреплетени.

„Нема сомнеж дека акциите околу Турскиот тек се (поделени) меѓу Борисов и Пеевски. Многу работи ги поврзуваат. А некои од тие работи се поврзани со почитување на интересите на Русија, во некои случаи и на штета на бугарските интереси“, изјави Денков во неодамнешно интервју за бугарската служба на РСЕ.

Следните избори во Бугарија ќе се одржат на 9 јуни, а граѓаните нема да гласаат само за претставници во националниот парламент, туку и во Европскиот парламент.

На Бугарите може да им се прости за нивниот скептицизам. Во последните три години Националното собрание успеа да избере само две влади. И двете паднаа додека се обидуваа да спроведат реформи, да се борат против корупцијата и да ја прекинат зависноста на земјата од Русија во поглед на енергијата и безбедноста.

Ако ништо не се смени во следните два месеца, тешко ќе биде да се формира стабилна влада по јуни, а уште потешко ќе биде да се формира влада која има волја и сила барем да се обиде со спроведување реформи.

Претходната влада падна откако ПП-ДБ побара распоред за промени во безбедносните служби и антикорупциски реформи, а ГЕРБ-СДС одби да се согласи.

Доколку воопшто не се формира влада, тогаш Бугарија ќе има нови избори, најверојатно веќе во октомври, а на власт ќе остане привремената влада.

За Бугарија влогот е огромен. Ако реформите се бавни во најдобар случај, ќе биде многу потешко да се постигнат целите на земјата за воведување на еврото во 2025 година и отворање на копнените граници за Шенген.

XS
SM
MD
LG