Заврши жестоката правна битка на Бритни Спирс со нејзиниот татко

Бритни Спирс и нејзиниот татко ги решија преостанатите прашања по повеќе од две години жестока правна битка и откако судијата го укина старателството што му даде контрола на Џејмс П. Спирс врз животот на неговата ќерка, познатата поп-ѕвезда.

Четириесет и двегодишната Бритни Спирс во саботата на судот во Лос Анџелес постигнала милионска спогодба за да ги плати судските трошоци и другите трошоци на нејзиниот 71-годишен татко, објавија американските медиуми.

Детали за спогодбата не беа објавени, но адвокатите на двете страни потврдија дека е постигнат договор.

Џејмс П. Спирс доби старателство над својата ќерка во 2008 година, откако музичарката доживеа ментален слом поради лични и професионални проблеми. По долга и жестока правна битка, во средината на ноември 2021 година, пејачката издејствува престанок на старателството над неа.

За време на старателството, Џејмс Спирс имаше голема контрола врз финансиите и личниот и деловниот живот на неговата ќерка. Пејачката тврдеше дека во тој период ја злоупотребил таа моќ и ја малтретирал.

Наводно, спогодбата ќе значи дека тој повеќе не е вклучен во управувањето со имотот на неговата ќерка. Бритни Спирс е една од најуспешните пејачки во историјата на музиката, со неколку платинести плочи.