Три лица, меѓу кои и дете, настрадаа во торнадо во Оклахома

72
Фото: EPA-EFE/TORREY PURVEY
Најмалку три лица, од кои едно дете, настрадаа во налет на торнадо во американската сојузна држава Оклахома, соопштија денеска локалните власти.
Гувернерот на Оклахома Кевин Стит издаде извршна наредба со која се прогласувз „вонредна состојба во 12 окрузи поради последиците од тешките временски услови“, пренесува Си-Ен-Ен. 

Спасувачките екипи ја проценуваат штетата на куќите и на деловните објекти кои ги донесе невремето проследено со силни ветришта, град и поплава.

Десетици торндада од петокот предизвикуваат хаос во централниот дел на САД, а денеска се на сила и предупредувањата на поплави за Оклахома, Канзас, Мисури, Арканзас и Тексас, пренесува АП.

Во Оклахома, торнадо ечеше низ Холденвил, град со околу 5.000 жители на околу 130 километри од Оклахома Сити, во саботата доцна навечер.

„Три лица загинаа, а четворица се повредени“, соопшти денеска ЕМС од округот Хјуз.

„Моите молитви се со оние кои ги загубија своите најблиски во синоќешните торнада низ Оклахома“, рече меѓу другото во својата изјава гувернерот Кевин Стит.

Од утрово речиси 33.000 луѓе останаа без струја во Оклахома, а речиси 67.000 потрошувачи во Тексас, а властите апелираат до граѓаните да останат во своите домови.