Во Египет во понеделник: Хамас ќе одговори на предлогот за прекин на огнот

131

Делегација на палестинското движење Хамас утре ќе отпатува во Египет каде ќе го презентира својот одговор на неодамнешниот израелски предлог за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците, соопштија извори блиски до Хамас.

Делегацијата, предводена од Калил ал Хаја, член на политичкиот огранок на Хамас за Газа и длабоко вклучен во преговорите, ќе се сретне со директорот и претставниците на египетската разузнавачка служба за да разговараат и да дадат одговор, рекоа истите извори.

Хамас во саботата објави дека го добил предлогот на Израел со посредство на Катар и Египет.

Делегацијата треба да разговара и за новиот египетски предлог, изјави неименуван висок функционер на палестинското движење.

Египет, Катар и САД се обидуваат да ги убедат Израел и Хамас да престанат со борбите по завршувањето на еднонеделниот прекин на огнот на 1 декември, кој овозможи ослободување на 80 израелски заложници за 240 палестински затвореници од израелските затвори.

Војната беше започната на 7 октомври со напад на припадниците на Хамас на јужниот дел на Израел, кој резултираше со смрт на најмалку 1.160 луѓе, главно цивили.

Според Израел, во тоа време биле киднапирани околу 250 луѓе. Некои од нив се разменети за палестински затвореници, додека околу 130 се уште се во Газа, а повеќе од 30 се верува дека починале.

На палестинска страна загинаа 34.454 лица.