Русија му се закани на Западот: Ќе има „остар одговор“ доколку се запленат замрзнатите руски средства

346

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Русија никогаш нема да отстапи територии окупирани во Украина во замена за враќање на замрзнатите средства.

„Нашата татковина не е на продажба“, изјави Захарова на Телеграм и додаде дека „рускиот имот мора да остане недопрен, во спротивно ќе има остар одговор на западната кражба“.

Како што беше наведено, во тој случај, Западот се соочува со „бескрајни“ правни предизвици и реципрочни мерки од Русија, пренесува Ројтерс, потсетувајќи дека Претставничкиот дом на американскиот Конгрес неодамна усвои закон со кој и дозволува на администрацијата да ги заплени руските средства во американските банки и да ги префрли во Украина.

Како одговор на руската војна во Украина, Соединетите Држави и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии и замрзнаа околу 300 милијарди долари руски средства на Запад. Повеќето од овие средства се во европски, а не во американски финансиски институции.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во посебен коментар рече дека во Русија се уште има многу западни пари кои би можеле да бидат цел на контрамерките на Москва.

„Просторот за правни оспорувања против конфискацијата на рускиот имот ќе биде широко отворен“, рече Песков, додавајќи дека Русија ќе го искористи тоа.

Рускиот функционер Дмитриј Медведев на 27 април изјави дека Русија би можела да одговори на американското конфискација на нејзините девизни резерви замрзнати на Запад со запленување средства, вклучително и готовина на американски граѓани и инвеститори во Русија.