НА КОЛИНДА ДОБРО И ОДИ БИЗНИСОТ: Поранешната претседателка на Хрватска заработува стотици илјади евра

1001

На поранешната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ и оди доста добро во бизнисот. Таа го доставила финансискиот извештај за 2023 година и прикажала вкупен приход од 219,3 илјади евра, а добивка од 146,9 илјади евра. Како што пишува Јутарњи, целиот приход доаѓа од извозот.

Грабар Китаровиќ се впушти во претприемништво на крајот на 2022 година, кога регистрираше компанија во Загреб наречена KGK Advising & Professional Services d.o.o. каде што е основач и директор. Истата година за неполни два месеци постоење пријавила приход од 28,4 илјади евра и добивка од 24,7 илјади евра.
Компанијата е основана со седиште на адресата на нејзиниот стан во Загреб, чиј единствен сопственик е таа. Фирмата е регистрирана за голем број активности, но оние кои главно се однесуваат на консалтинг за бизнис и менаџмент, истражување на пазарот и истражување на јавното мислење, промоција, настава во говорна комуникација…

Компанијата има основна главнина во износ од 2.654 евра, а сите приходи се остварени од продажба.

Нејзината компанија нема официјална веб-страница, но Грабар Китаровиќ понекогаш објавува на социјалните мрежи.

Слободна Далмација потсетува дека Грабар Китаровиќ неодамна се споменуваше како директорка на компанија во Англија, заедно со поранешниот претседател Стјепан Месиќ. Но, подоцна беше откриено дека дуото не ни знаело дека сопствениците на компанијата ги регистрирале како директори затоа што во почетокот требало да имаат само советодавна улога.

Очигледно е дека Грабар Китаровиќ не планира да се врати во политиката, туку сака да ја проширува својата компанија.

По сличен пат тргнаа и други поранешни политичари во Хрватска – Зоран Милановиќ исто така основаше компанија откако беше премиер, но во меѓувреме се врати во политиката, а истото своевремено го направи и Иво Санадер, кој не долго потоа заврши во затворот Реметинац.