Осветен Македонскиот крст во Драчево

2929

Македонскиот крст во центарот на населбата Драчево, лоциран во Паркот на бранителите, е висок 63,5 метри и е дванаесетти по височина во светот, а втор во Македонија. Широк е четири метри, со распон на краците од 34 метри, секој крак по 15 метри. Постаментот е висок 12,5 метри и е на три нивоа, а темелната плоча е со дебелина од еден метар. Во него е вградена челична конструкција од 80 тони, премачкана со алкална жолта боја. На крстот е изведена светлечка инсталација со енергетска самоодржливост, што ќе претставува вистинска атракција во овој дел од Градот Скопје и Општина Кисела Вода

Во организација на Светскиот македонски конгрес и Општина Кисела Вода, денеска, на ден Цветници, точно напладне, беше осветен Македонскиот крст во центарот на населбата Драчево, кој е лоциран во Паркот на бранителите. Македонскиот крст, кој е висок 63,5 метри, беше осветен од неговото блаженство, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, со свештеници од Скопската епархија.

На осветувањето присуствуваше и неговото високопреосвештенство, бискуп скопски и струмичко-скопски епарх, г. Киро Стојанов, како и претставници од Светскиот македонски конгрес и од Општина Кисела Вода, на чело со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Како што истакна Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес, крстот е симбол на универзумот и им припаѓа на сите.

– Нашата вера во крстот, исполнета со молитва пред Бога за Македонија, нè соедини пред Македонскиот крст во Драчево, да го сведочиме осветувањето како Божји благослов, прозивајќи ја Неговата милост за крстот што овде за навек ќе опстојува – изјави Петров.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека во контурите на крстот е собрано целото значење на христијанството, каде што се преплетуваат симболиката на жртвата, спасението и вечната љубов кон Бога.

– Осветувањето на овој Македонски крст е чин на почит кон минатото, вера во иднината и мост што нè спојува сите нас. Тој ќе стои тука, како светилник на нашата заедница, потсетувајќи нè на човековите вредности, на моралот и на нашиот пат кон почит и човекољубие. Силно верувам дека Бог нè осветлува и нè води, потсетувајќи нè дека секој наш чекор, секој наш обид да градиме нешто во Негово име е благословен и благодатен. И затоа ова е богатството и заветот што ги оставаме за следните генерации –истакна градоначалникот Ѓорѓиевски во своето обраќање.

Тој очекува овој крст да биде светилиште за сите, мирно место за размислување и молитва, ново збиралиште и центар на Кисела Вода, а, можеби, и на цело Скопје, од каде што ќе одекнуваат заедништво, сплотеност и љубов.

Македонскиот крст во Драчево е дванаесетти по височина во светот, а втор во Македонија.

Широк е четири метри, со распон на краците од 34 метри, секој крак по 15 метри. Постаментот е висок 12,5 метри и е на три нивоа, а темелната плоча е со дебелина од еден метар. Во Македонскиот крст е вградена  челична конструкција од 80 тони, премачкана со алкална жолта боја. На крстот е изведена светлечка инсталација со енергетска самоодржливост, што ќе претставува вистинска атракција во овој дел од Градот Скопје и Општина Кисела Вода. Поставен е на 12 шипа со длабочина од 12 метри и дебелина од 80 сантиметри, плус четири централни шипа со длабочина од 16 метри и дебелина од еден метар. Во крстот се вградени 720 тони бетон и 32 тони армирано железо, најголемиот дел под земја, поради статиката на крстот.

Инвеститор на Македонскиот крст во Драчево е Светскиот македонски конгрес.

Инаку, највисок крст во светот е Меморијалниот крст во Долината на паднатите, недалеку од Мадрид, кој е висок 150 метри, а Милениумскиот крст на Водно е десетти во светот со 656 метри, но е прв во светот по тоа што се наоѓа на најголема надморска височина од 1.066 метри.

Изградбата на Милениумскиот крст во центарот на Драчево започна на 16 април 2022 година.

За добра и пријатна атмосфера на осветувањето на крстот се погрижија: Огнен Здравковски, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски и мешаниот камерен хор „Свети Климент Охридски”, a Тодор Петров, како инвеститор на објектот им додели плакети и благодарници на сите кои ја помогнаа изградбата на ова свeто здание.

(А.П.)