Хоспитализирани четири лица со магарешка кашлица, засега нема заразени со мали сипаници 

За една недела 27 нови случаи на пертусис, најголемиот дел од нив се во Скопје

688

Институтот за јавно здравје за една недела евидентирани се 27 нови случаи на пертусис, а од нив четворица се на болничко лекување. Според Институтот од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица. За да не ни се случи и епидемија на мали сипаници  кои што се актуелни во земјите од регионот, покрај за пертусис родителите се повикуваат во вакциналните пунктови да ги вакцинираат своите деца и со МРП вакцината, која е тритипна и штити и од мали сипаници. Лекарите апелираа дека вакцините се безбедни и  спасуваат човечки животи

 

Во Македонија изминативе месеци се бележи зголемување на бројот на имунизирани деца, но тоа се уште не е на задоволително ниво, бидејќи е под препорачаниот праг од 95 проценти.Заради епидемијата со петрусис по препорака на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, изминатиов период преземени се мерки и активности во земјава за да се зголеми опфатот и достапноста за имунизација. Според Институтот за јавно здравје од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.

За да не ни се случи и епидемија на мали сипаници, кои што се актуелни во земјите од регионот, покрај за пертусис родителите се повикуваат во вакциналните пунктови да ги  вакцинираат своите деца и со МРП вакцината, која е тритипна и штити и од мали сипаници. Лекарите апелираа дека вакцините се безбедни и штитат од најтешки заболувања.

– Во моментов во земјава фокусот е даден на имунизација со вакцини кои што имаат компонента на пертусис, поради моменталаната ситуација на појава на зголемен број на заболени од голема кашлица. Но, родителите се повикуваат да се имунизираат и со МРП вакцината, бидејќи станува збор за едно високо заразно заболување, а за жал имаме далеку од потребниот опфат на државно ниво, предупреди  Бранка Величковска Тенева, од Министерството за здравство.

Претставничката на УНИЦЕФ д-р Патриција ди Џовани потсети дека пред 30 години во земјава опфатот со имунизација бил 95 отсто,а сега е помал што се должи на погрешните информации и дезинформациите кои пто кружат во јавноста.

-Имунизацијата и до ден денеска останува една од инвенции на човештвото за заштита на неговото здравје. Со имунизација на децата ние ги заштитуваме од смрт како најлошо сценарио, ги заштитуваме од големи попречености кои што исто така не се добри, а во најлошо сценарио тие може да се заразат со некоја болест и навистина тешко да се разболат, предупреди претставничката на УНИЦЕФ во земјава.

Токму поради зголемениот број на имунизирани деца во изминатиов период епидемијата на голема кашлица како да стивнува.Институтот за јавно здравје регистрира се поламлу заразени со овој опасен вирус, а потврда за тоа е што за последната недела во периодот од 19 до 25 април, евидентирани се само 27 нови случаи.Тоа според аналиозите на ИЈЗ е намалување од 41,3 проценти, споредено со претходниот седмодневен период. Но, загрижува податокот што од новозаболените, четири лица се хоспитализирани. Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи, а заразени со мали сипаници засега нема.

Како што се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје и оваа недела најголем дел од случаите се пријавени во главниот град Скопје -20 заразени лица. Во останатите делови на Македонија пријавени  се три пациенти со големе кашлица во Битола, во Куманово двајца и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.

– Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраста – се вели во извештајот на ИЈЗ.

Доколку се споредат регистрираните 516 случаи со пертусис со оние во последните пет години, ќе се согледа дека бројката претставува неколкукратно зголемување.Така во изминатиот петгодишен период од 2019 до 2023 година, во Македонија се регистрирани само 10 случаи на голема кашлица.

-Од јануари, од кога почна инфекцијата да се шири, најголем број од лицата кои што се заразија со голема кашлица живеат во Скопје – 412 или 79,8 отсто, со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата-информираат од ИЈЗ.

Дистрибуцијата по пол покажува дека 254 лица од заразените се од машки, а 262 од женски пол.

– Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето – за седмодневен период од понеделник-недела, се забележува континуиран пораст на бројот случаи на неделно ниво, до 12-та недела. Но, од 12-та недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува – се објаснува  во извештајот на ИЈЗ.

Од вкупниот број на заболените, досега биле хоспитализирани 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години.

-Најголем број од случаите – 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат  деталните податоци на Институтот.

(В.Ма.)