Мурал со цитат на Марко Цепенков на Центарот за култура

30

На предната страна од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, нацртан е мурал во рамките на проектот „Јазикот коски нема, но коски крши“, на визуелната уметница Ивана Самандова, на која ѝ помогнаа уметниците Методи Исков и Александар Џинго.

Фокусот на муралот е истакнување на големината на Марко Цепенков, како една од најистакнатите фигури во македонската историја и култура. Идејата зад муралот е создавање „искра“ и љубопитност кон истражувањето и врска меѓу современиот свет и културно-историското наследство, соопштуваат од Факултетот за работи што не се учат – ФРУ, кој е организатор на проектот, а е со поддршка од Министерството за култура.

Целта на проектот е избегнување централизираност на културата и уметноста во само еден град, а соработката меѓу Центарот за култура во Прилеп и локалните уметници е стремеж кон визуелно осовременување и освежување на објектот, создавајќи ликовна композиција што корелира со предизвикот и играта на архитектурата.

Дел од муралот е цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ на Марко Цепенков, преку кој може да се интерпретираат неколку перспективи, како истрајноста, флексибилноста и настојувањето во потрагата на правдината во општествените пошироки аспекти. Овој концепт на правдина укажува дека и во миговите кога умее да биде истанчена, таа никогаш не може да биде комплетно уништена.

Инаку, ова е втор мурал во организација на Факултетот за работи што не се учат – ФРУ. Во март, заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски, иницираа акција за обновување фасада на зграда во центарот на Скопје, изработувајќи мурал посветен на потребата за солидарност.