Отворање на туристичката сезона со „Преспа фест“

39

Општина Пустец, традиционално, со низа активности го означува почетокот на туристичката сезона, презентирајќи ги природните убавини, културните богатства, македонските традиционални јадења, традициите и обичаите.

Како што информираа од Општината, во рамките на отворањето на туристичката сезона, а во соработка со Управата на заштитените подрачја Корча, на 7 мај ќе се организира активноста „Преспа фест“.

– На неа ќе бидат истакнати вредностите на културата, традицијата и кујната, со учество на фолклорни групи од Преспа и oд Македонија. Активноста ќе почне во 11 часот, на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец. Со задоволство упатуваме покана до сите што сакаат да бидат дел од оваа активност: заедно да уживаме во убавините на природата, вкусовите на традиционалното готвење и во фолклорот на преспанскиот крај – информираа од Општина Пустец.

Општина Пустец ја сочинуваат девет села, распослани на брегот од Преспанското Езеро, што му дава особена убавина на овој крај. На туристите им нуди бројни културни, природни и археолошки добра, поради што последниве години станува сè попримамлива дестинација.