10 знаменитости на Владимирската област

Источно од Москва се наоѓа еден од најстарите руски градови, некогашен центар на едно од руските кнежевства. Во градот, како и во целата област што го опкружува, можете најдобро да се запознаете со древната историја на Русија.

1. Златната порта во Владимир

Денес Владимир е мал провинциски град, иако е престолнина на целиот регион. Но, во добата на феудалните кнежевства бил центар на моќната североисточна Русија. Многу пати настрадал од непријателски напади, особено од татаро-монголската наезда. Порано градот имал цврсти ѕидини, но денес од нив се останати само земјени возвишувања и Златната порта. Се смета дека дрвените крила на портата порано биле покриени со злато и дека оттаму потекнува називот. Зад портата денес се наоѓа музеј со воено-историка поставка и мошне интересна диорама со приказ на нападите на Татаро-Монголците на градот.

2. Успенската црква во Владимир

Во Владимир живееле богати и моќни кнезови. Секој од нив по себе сакал да остави раскошна црква. Еден од овие споменици на Стара Русија е Успенската црква којашто во 12 век ја изградил Андреј Богољубски. Подоцна, по големиот пожар, ја обновил и ја доградил помладиот брат на Андреј и новиот кнез Всеволод Големото Гнездо. Камената црква влегува во списокот на Светското наследство на УНЕСКО. Храмот е импресивен по димензиите, сложеноста на архитектонскиот облик и по богато украсениот ентериер. Ѕидовите на храмот ги красат прочуените фрески на Андреј Рубљов.

3. Суздаљ

Во овој град како од сказните Русите задолжително ги носат сите странци за да ги запознаат со „вистинската Русија“. Тука има дрвени куќи и кафе-ресторани во кои се служат традиционални пијалаци и јадења (на пример, шчи што се готви цел ден и руски палачинки од брашно од хељда со кавијар од штука). Една од главните знаменитости на Суздаљ, освен дрвената тврдина, е музејот на дрвената архитектура на отворено каде што се наоѓаат уникатни дрвени цркви и куќи од 18 и 19 век.

4. Црквата на Покров на Нерља

Многумина сметаат дека ова е најубавата црква во Русија. Но, додека за ова звање се натпреваруваат и други светињи, пејзажот околу црквата нема конкуренција. Црквата од бел камен е изградена во 12 век во долината, на плавната ливада. За нејзина изградба насипано е брдо за да се зачува од водата. Во текот на пролетта, кога ливадата е поплавена, белоснежната црква се издигнува над водата. Оригиналните фрески не се зачувани, но можат да се видат изрезбани орнаменти и релјефи со прикази на животни и царот Давид.

5. Александров

Во ова гратче некогаш се решавала судбината на Русија. Имено, токму тука, напуштајќи ја Москва, 17 години живеел Иван Грозни и оттука владеел со Русија. Тврдината „Александрова слобода“ му го заменила на царот московскиот Кремљ. Денес во неа може да се види музејската поставка „Владетелскиот двор“, реконструкција на животот на дворот од времето на Иван Грозни. Меѓу другото, тука е изложена и копија на неговиот трон од слонова коска.

6. Гус Хрустаљни

Гус Хрустаљни е стакларска престолнина на Русија. Трговското семејство Маљцов во 1756 година направило фабрика за стакло на реката Гус. Гусевската фабрика за стакло работи и денес. Можете да ја посетитте во рамките на организирана екскурзија. Исто така, градот има музеј посветен на производството на кристал, како и голем број стари згради од црвена тула и дрвени куќи.

7. Муром

Ова е еден од најстарите градови во Русија, вршник на руската државност. Во градот на живописниот брег на реката Ока се наоѓа Спасо-Преображенскиот манастир од крајот на 10 – почетокот на 11 век, кој е меѓу најстарите во Русија. Муром е познат и како родно место на богатирот Иљја Муромец. Негови познати жители биле и кнезот Пјотр и неговата сопруга Февронија. На оваа популарна света двојка во градот ѝ е подигнат споменик. Во Русија се сметаат за заштитници на љубовта, семејството и верноста.

8. Петушки

Градот Петушки треба да се посети барем поради тоа што тој е одредиште до кое со воз патува јунакот на култната книга „Москва-Петушки“. На патот до ова место можете да ја вклучите аудиокнигата и да уживате во советската одисеја на Венедикт Ерофеев. Петушки е мал град, денес познат по својот необичен жител – британскиот фармер Џон Кописки. Веќе над 30 години тој има руско државјанство, оженет е со Русинка и го примил православието. Тука, во провинција, создал цел земјоделско-културен туристички комплекс „Богдарња“, каде што одгледува домашни животни, прави кашкавал и ги пречекува гостите во својот ресторан со руски колорит.

9. Веденски островски манастир

На малечок остров во самиот центар на Веденското езеро монасите почнале да се доселуваат уште во 17 век и набргу основале манастир – Покровски Свето-Веденски островски манастир. Во советско време се користел за различни намени, меѓу другото и како магацин и како кино. Денес е повторно активен манастир, но, за разлика од порано, сега е женски.

10. Гороховец

Гороховец се наоѓа на самата граница со Нижегородската област. Порано токму низ овој град водел водениот пат од Москва до Нижни Новгород, познат по големиот пазар. Затоа во Гороховец секогаш се вкотвувале бродовите со стока, а трговците тука граделе куќи и давале богати прилози за изградба на храмови. Голем дел од нив се вистински ремек-дела на архитектурата. Една од најпознатите градби е трговската куќа позната како „Куќата со вили“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња