ПОВЕЌЕ

    СТАНБЕНИТЕ И ПОТРОШУВАЧКИТЕ КРЕДИТИ НА НЛБ БАНКА и донесоа приходи од камати повисоки за 27,5 проценти

    Време зa читање: 3 минути

    Интересот на граѓаните за станбени и потрошувачки кредити го кренал нивото на кредитирање кај НЛБ банка. За три месеци има раст од 1,4 проценти кај вкупно одобрените кредити. Со тоа се зголемиле и нето-приливите од пресметаните и наплатени камати – за 24,9 насто. Сепак, и покрај овие движења, добивката е за 15,5 отсто пониска во споредба со минатогодишното прво тримесечје и изнесува 678.296 илјади денари, односно над 11 милиони евра.

    Овој резултат не влијае врз позициите што НЛБ ги има на македонскиот банкарски простор, како една од трите банки кои ја имаат најголемата доверба на населението и на бизнисот. Оттаму и кредитните пласмани од 75.141.525 илјади денари или над 1,2 милијарди евра. Во тие рамки, кредитирањето во секторот домаќинства бележи раст за 1,5 процент, а кај компаниите – 2,8 насто.

    ЗА НОВИ СТАНБЕНИ КРЕДИТИ ИМА НИСКИ КАМАТИ, за старите каматите сѐ уште се високи

    По таа линија Банката остварила нето-каматни приходи од 1,177,659 илјади денари (19,1 милион евра). А, само приливите од камати се повисоки за 27,5 проценти и изнесуваат 1,318,526 илјади денари (21,4 милиони евра).

    На тој начин обезбедените средства имаат најголем удел во формирањето на вкупните приходи, кои по тримесечното работење достигнале ниво од 26,6 милиони евра. Повисоки се за 13,4 насто во однос на претходната година. Удел имаат и провизиите и надоместоците, но во овој период се пониски за 1,1 отсто. Од дадените услуги Банката заработила 5,2 милиони евра во нето-износ. Зголемување има кај приходите од провизии, за 4,1 процент, односно донеле 9,7 милиони евра. Но, раст има и кај трошоците по оваа основа – за 10,8 насто.

    На последниот ден од март, вкупните депозити во НЛБ банка изнесуваат 92.576.852 илјади денари или 1,5 милијарди евра. Од аспект на состојбата нотирана на крајот од минатата година, во овој сегмент има мал пад од 0,3 проценти. Тоа се должи на „намалување на тековните сметки на нефинансиски правни лица за 8,3%, додека тековните сметки и депозитите по видување кај домаќинствата остварија пораст во првиот квартал од годината“, посочуваат од Банката.

    ПРОЛЕТТА ЗАПОЧНА СО ПРОМОЦИИ И ПОНИСКИ КАМАТНИ СТАПКИ: Која банка нуди најевтин потрошувачки кредит?

    Во овој период Банката продолжила со вложувањата во хартии од вредност, кои изнесуваат скоро 264 милони евра. За три месеци на ова поле има зголемување за 2,4 насто, кое произлегува од засиленото инвестирање во државните обврзници.

    На 31 март билансната сума на НЛБ банка е 116.636.606 илјади денари или близу 1,9 милијарди евра, што споредено со крајот на 2023 претставува зголемување  за 0,2 проценти.

    Од НЛБ банка велат – и натаму нивното делување е насочено кон давање поддршка на приватниот сектор, на стопанството и на граѓаните.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично