Медведев: Москва би можела да заплени приватни американски средства во Русија

193

Русија би можела да одговори на секое американско конфискување на нејзините девизни резерви замрзнати на Запад со запленување на имотот, вклучително и имотот и готовината, на американските граѓани и инвеститори во Русија, изјави високиот руски функционер Дмитриј Медведев.

Претставничкиот дом на САД усвои закон со кој се дозволува администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да ги заплени руските средства во американските банки и да ги пренесе во Украина, нешто што Кремљ рече дека ќе биде незаконско и ќе предизвика одмазда.

Како одговор на руската војна во Украина, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со Централната банка и Министерството за финансии на Русија и замрзнаа околу 300 милијарди долари суверени руски средства на Запад, од кои повеќето се во европски, а не во американски финансиски институции.

Групата седум (Г7) големи демократии, исто така, размислува што би можела да направи за замрзнатите руски средства.

Медведев, близок соработник на претседателот Владимир Путин и заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, на 27 април изјави дека Русија нема да може да возврати во вид на какво било американско запленување на нејзините резерви, објави Ројтерс.

„Причината е јасна – немаме значителен износ на државни средства на САД, вклучувајќи пари, права и други средства на САД. Затоа, одговорот може да биде само асиметричен“, напиша Медведев на својот официјален канал Телеграм.

Тој изјави дека тоа е сложено прашање бидејќи се однесува на инвеститорите во руската економија, што гарантира неповредливост на нивните права на приватна сопственост.

„Но, се случи неочекуваното – нивната земја ни објави хибридна војна. Ќе мора да се одговори на тоа“, напиша Медведев, истакнувајќи дека законот во Русија ќе треба да се промени за да се овозможи таква конфискација на имотот во корист на руската држава.

Гувернерката на руската централна банка Елвира Набиулина на 25 април изјави дека Москва ќе ги брани своите легитимни интереси доколку ѝ се конфискува имотот, но не ја откри стратегијата и тактиката.