Истрагата во Багдад веќе е во тек: Ирачка инфлуенсерка на социјалните мрежи застрелана од вооружен мотоциклист пред својата куќа

896
Фото:ТикТок

Ирачките власти денеска соопштија дека го истражуваат убиството на познатата инфлуенсерка која во петокот беше убиена од вооружен мотоциклист пред нејзината куќа во центарот на Багдад.

Гуфран Махди Савади, позната како Ум Фахад или „мајката на Фахад“, беше популарна на социјалните мрежи ТикТок и Инстаграм, каде десетици илјади корисници ги следеа нејзините објави на кои танцува на музика, пренесува Гардијан.

Неименуван ирачки безбедносен претставник изјави дека вооружениот напаѓач отворил оган додека Савади го паркирала нејзиниот кадилак пред нејзината куќа и ја убил, а потоа и го зел телефонот и побегнал од местото на настанот.

Убиството се случи во Зион, истата населба каде што беше убиен истакнатиот ирачки истражувач и експерт за безбедност Хишам ал-Хашими во 2020 година.

Пред американската инвазија во 2003 година, таа населба беше дом на членовите на ирачката воена елита и важеше за престижна населба во Багдад, но во последниве години, бројни водачи на милицијата се населиле во тој дел на ирачката престолнина.

Савади не е првата истакната личност на социјалните мрежи што е убиена во центарот на Багдад.

Минатата година во градот беше убиена и Нур Алсафар или „Нур Б.М.“, трансродова личност со голем број следбеници на социјалните мрежи.