Свечена промоција на 508 нови полициски службеници

by Фокус

Во Центарот за обука во Идризово денеска се одржа свечена промоција на нови полициски службеници – генерација 2023-2024 година. Едногодишната обука ја завршија 508 нови полицајци. Од нив 416 се мажи, а 92 жени.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, упати честитки до кандидатите.

-Имајте на ум дека секоја добра промена, промена на подобро почнува од поединецот од неговиот светоглед, поведение и дејствување, а не обратно. Секако, говорам за интегритетот, кој што е суштинска спротивност од подмитливоста или поткупливоста, од лицемерието, од непочитување на законите или од селективната правда. Вие, како млади луѓе пред кои што е иднината имате право, можност, одговорност и секако – обврска секој во својот домен на способности и афинитети да даде свој придонес за подобра и поперспективна заедничка иднина – рече Тошковски.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, во своето обраќање потенцираше дека полициската професија секојдневно е исправена пред многу предизвици на кои полициските службеници треба веднаш да одговорат согласно законските прописи, но истовремено претставува благороден животен пат достоен за гордост и почит со секој постигнат резултат како сервис на граѓаните, со секој успешен подвиг како гарант на безбедноста.

-Патот на создавање добар полициски службеник бара посветеност, одговорно и домаќинско работење. Ние како раководство на МВР сме тука да ги обезбедиме сите потребни ресурси и поддршка да ви овозможиме сè што е потребно за достоинствено извршување на вашите работни задачи, а ваша должност како идни колеги и вработени во МВР, ќе биде да се грижите за безбедноста на сите граѓани и државата – потенцираше Бојмацалиев.

Претседателот на Владата Талат Џафери во своето обраќање ги охрабри новите полициски службеници да бидат чесни и посветени во спроведувањето на своите должности кон граѓаните и горди на својата работа.

-Професионално да се справувате со новите предизвици на работа и да бидете подготвени за очекуваните одговори. За вашата професионалност и љубов кон професијата, да сведочат резултатите од секојдневната работа во секоја област на безбедноста. За професионалниот полицаец, нема помалку или повеќе важна задача. Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи – истакна премиерот Џафери.

Поврзани новости