„Пиктограми“ е изложбата на слики од Светлана Попова и Марија Штерјова, која е отворена во фоајето на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Симболиката на преносното значење на знаците, да се препознаат, прочитаат, почувствуваат, и универзалноста на математички совршениот бескраен универзум, пресликан во фантастичниот мал Фибоначи човек, се лајтмотивот на изложбата.
– Авторките имаат две различни професии, две искуства, но работејќи заедно создаваат вистинско уметничко искуство. Љубовта кон боите, платното, четките ги споила, а резултатот сега е видлив. Секое парче резонира со суштината на животот, раскошот на љубовта, битот на семејството, визијата кон иднината, а сѐ преку универзалниот јазик на симболите – се вели во најавата за изложбата.
Пиктограмите не само што ја прославуваат убавината на светот околу нив туку и пренесуваат наратив на емоции, искуства и врски, поканувајќи ги гледачите да ги истражат длабочините на човековото изразување, втурнувајќи се длабоко во значењето на сликовниот јазик и сопствената душа.
– Сликите се изработени во техниката акрил на платно, акрил на панел, акрил на хартија, со различни димензии, со јаки контрасти на боите, слободни движења на сликарско ноже, кист и четка со огромна големина. Работени се во подолг временски период, односно од 2019 до 2024 година. Случајно, но со намера, добивме 33 дела со наслов „Пиктограми“ – велат авторките. Ка.М.