Кинескиот царински закон создава можност за одговор на бариерите од трговските партнери

Кина во петокот усвои закон со кој јасно им дава до знаење на главните трговски партнери дека можат да очекуваат одмазда доколку воведат царини за кинески стоки.

Законот за царинските тарифи беше одобрен од највисокиот кинески законодавен дом по трите рунди разгледувања кои започнаа во 2022 година и е најновото дополнување на арсеналот инструменти за трговска заштита на Пекинг во услови на тензично примирје во трговската војна со САД по претседателствувањето на Доналд Трамп.

Законот ќе стапи на сила на 1 декември, а содржи голем број законски одредби поврзани со царините за кинескиот увоз и извоз. Пекинг подготви одредби за даночни олеснувања и можни контрамерки за земјите кои ги прекршуваат трговските договори.

Зголемените тензии со Соединетите држави и Европската унија само го зајакнаа верувањето на Пекинг дека мора да ги консолидира и подобри мерките што ги има на располагање, велат аналитичарите.

„Се наметнува споредбата со нуклеарното оружје: го имате за да не го користите, туку за да ги одвратите другите да го користат против вас“, вели Хенри Гао, професор на Универзитетот за менаџмент во Сингапур.

„Може да се каже дека (законот за царина – з.р.) не беше ни потребен, бидејќи Кина веќе има мерки за воведување одмазднички царини, по измената на законот за надворешна трговија во 2004 година. Мислам дека со вклучувањето (на ове одредби – з.р.) во новиот закон за царина, Кина сака да го каже следново: наше суверено право е, ако ни наметнете царини, да возвратиме со иста мерка“, додава Гао.

Зголемената загриженост за огромниот производствен капацитет на Кина, чии евтини производи ја преплавија Европската унија, резултираше со отворање нов фронт во трговската војна меѓу Западот и азискиот гигант. Започна со американските увозни царини во 2018 година, потсетува Reuters.

Во моментов Брисел истражува дали да воведе царини за увоз на кинески електрични возила, а Пекинг започна антидампинг истрага за увоз на електрични возила од ЕУ, потсетува Reuters.

Во последните неколку седмици, Европската комисија отвори истраги за понудите на кинески компании на јавни тендери во неколку земји-членки на ЕУ и првпат одлучи да ја провери јавната набавка на медицинска опрема во Кина со цел да утврди дали европските компании се рамноправни со кинеските.