Пристигнувањето на олимпискиот оган во Марсеј ќе го обезбедуваат 6.000 полицајци

Околу 6.000 припадници на полициските сили ќе бидат распоредени на 8 мај за да обезбедат пристигнување на олимпискиот оган во Марсеј, изјави во петокот францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен.

Земајќи ги предвид мобилизираните сили на градот Марсеј (пожарникари, безбедносен персонал, општинска полиција итн.), оваа бројка активирани припадници на силите на редот ќе го надмине оној мобилизиран во овој француски град во септември 2023 година при посетата на папата Франциск.

Откако ќе биде запален во Грција на античкиот локалитет Олимпија, олимпискиот оган ќе пристигне во Марсеј по море на „Белем“, бродот со три јарбола.

Иако засега нема „јасна закана“ чија цел би била пристигнувањето на факелот во Марсеј, министерот прецизира дека полицијата работи на различни сценарија, особено во однос на „радикалниот исламизам“.

„Ќе поставиме сѐ што е предвидено со антитерористичките закони за да следиме и да спречиме каков и да е инцидент“, додаде Дарманен споменувајќи ги и ризиците што можат да дојдат од „екстремната десница и екстремната левица“.

А во случај на 8 мај ветерот да дува посилно од 25 јазли, што би го спречило „Белем“ да влезе во Старото пристаниште, Дарманен додаде дека има „алтернатива“.