МАСИТ: Компаниите од ИКТ-секторот треба да ги заштитат интелектуалните права

24

Поради брзото напредување на технологијата и глобализацијата, заштитата на правата од индустриска сопственост станува сè повеќе предизвикувачка. Затоа, компаниите во ИКТ-секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита на своите интелектуални права, вклучувајќи ги патентите, заштитните знаци, авторските права и други форми на заштита, порачува Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) по повод 26 Април, Светскиот ден на заштита на правата од индустриска сопственост.

МАСИТ потсетува дека индустриската сопственост вклучува различни аспекти како: патенти, заштитни знаци, авторски права и заштита на индустриски дизајни. Овие права, нагласува, им овозможуваат на иноваторите и креаторите да ги заштитат своите идеи, иновации и креативни дела од нелегална употреба и присвојување.

Според Комората, заштитата на интелектуалните права им нуди на компаниите многу предности, вклучувајќи конкурентска предност, вредност на брендот, можност за заработка, поттикнување иновации и сигурност на инвестициите. На овој начин, не само што директно се заштитуваат компаниите туку и се поддржуваат иновацијата и креативноста во ИКТ- секторот, што придонесува за позитивни ефекти врз целиот екосистем.

Со цел соодветна едукација на своите членови, на ова му претходеле неколку едукативни работилници со македонски и со регионални експерти од областа.

– Оваа иницијатива им овозможи на компаниите да се запознаат со значењето и придобивките од заштита на правата од индустриска сопственост, при што беа презентирани успешни искуства и добри практики. Во рамките на проектот, пет компании веќе поминаа низ процесот со поддршка на МАСИТ и швајцарската програма ИМЕ. На една од едукативните работилници присуствуваа и претставници на Формула студент Македонија, македонските студенти што конструираат Ф1-болид за меѓународниот натпревар на конструктори, со цел соодветно да се информираат – истакнува МАСИТ.