Блага и Ефто заминуваат во Швајцарија!

by Fokus

Доајените на македонската народна песна, Блага Петреска (77) и Ефто Пупиноски (70) заминуваат во Швајцарија. Тие ќе имаат настап пред нашинците во Тринген, заедно со групата ,,Седенка” на петти мај во Sursee Stadthalle, а веста ја објави Пупиноски на социјалните мрежи. Тој порача дека со неговата колешка Петреска, со песна и дружба ќе го одбележат верскиот празник Велигден.

Соработката на двајцата музичари трае со децении наназад и тие зад себе оставија неколку дуети: ,,Песната може се”, ,,Зоро моја Зорице”, ,,Кај ме залуди Калино” и други.

За дуетот ,,Песната може се” кој го изведоа на фестивалот ,,Цветници” во 1992 година, тие добија прва награда од жири комисијата, а песната и денес е доста актуелна и се врти во етерот, како и се изведува на разни забави.

Минатата година на 26-то издание на манифестацијата ,,Златна буба мара на популарноста” тие беа помеѓу наградените и добија специјални награди за животно дело.
И тогаш, пред публиката ја изведоа безвременската ,,Песната може се” за која музиката ја напиша Миле Барбаровски, текстот е на Ѓорги Барбаровски, а аранжманот е на Живоин Глишиќ.

Пред десет години пак, Пупиноски одржа концерт во Универзална сала во Скопје, со кој одбележа четири децении кариера, а за Блага, која му беше гостинка, кажа дека му е соработничка со години, и концертот без неа би бил нецелосен.

Вики Клинчарова

Поврзани новости