Линкови за пристапност

Фулбрајт програмата нуди можности за студирање на голем број македонски студенти во САД


Соединетите Држави се атрактивна земја за младите од Северна Македонија кои сакаат своето академско образование да го стекнат во странство.
Соединетите Држави се атрактивна земја за младите од Северна Македонија кои сакаат своето академско образование да го стекнат во странство.

Во се повеќе меѓусебно поврзан свет, Фулбрајт програмата на Бирото за образовни и културни работи на Стејт департментот на САД дава можности за студентите кои сакаат да ги прошират своите хоризонти и да го продлабочат своето разбирање за глобалните прашања.

Секоја година илјадници студенти, научници и професионалци аплицираат за Фулбрајт стипендии, а е една од корисниците на ваква стипендија е Македонката Лилјана Танчева Мехмед која во моментов е на магистерски студии за стратешка комуникација во јавните медиуми при Универзитетот Фордам во Њујорк.

„Мојот живот овде, ова беше исполнување на една животна желба. Многу долги години го градев овој пат за да кулминира со ова што го живеам денес благодарение на програмата Фулбрајт“, вели Лилјана Танчева Мехмед, студентка на Универзитетот Фордам во Њујорк.

Запрашана за предизвиците со кои се соочила како студентка во Соединетите Држави, таа ни рече:

„Јас имам само позитивни впечатоци и тоа е ултимативната вистина, разликата е во тоа што јас сум овде со мојот сопруг и сепак имам семејство. Живеам во пола Југославија, во балканска заедница, и од тој аспект не ми недостасува социјален живот. Живеам во Њујорк каде што има многу културни и забавни активности во кои што човек може да се вклучи по сопствен избор, така што не ми недостасува ниту тоа“.

За студентката Ивана Крстеска од Струга, која е на магистерски студии по архитектура во Државниот Универзитет Кент во Охајо, најголем предизвик бил културниот шок што го доживеала и бирократијата. Таа вели дека благодарение на студиите, имала можност да присуствува на бројни семинари и конференции низ Соединетите Држави.

„Покрај тоа што самиот факултет поддржува такви работи, Фулбрајт стипендијата исто, јас објавив два труда со мојот ментор на чии што конференции бев да ги претставам и да ги презентирам, така што можам да кажам дека секој семестар барем на две конференции учествував“, изјави Ивана Крстеска, студентка на Државниот Универзитет Кент во Охајо.

Ивана вели дека својата иднина ја гледа во академската наука.

„Добив понуди од неколку универзитети во САД за продолжување со докторски студии. Една понуда прифатив. Моментално се подготвувам за релокација во Њујорк. Сакам да се надградам себе си како во пракса така и академски и мислам дека ќе продолжам во консултанство“, рече Крстеска.

Кристина Ангелевска која студира разрешување конфликти на Универзитетот Масачусетс во Бостон, вели дека образовниот систем во САД е многу попрактичен за разлика од високото образование во Северна Македонија.

„Теориската перспектива во доменот на разрешување е поприлично практична. Професорите се трудат ние како студенти да умееме на краток, јасен и концизен начин да ги примениме оние теории кои што се дискутираат за време на часовите во реална пракса, на пример ако се пишува „policy brief“, тоа да биде кратко, јасно и концизно, по можност да биде една страна или три страни, за да може секоја публика да разбере“, вели Кристина Ангелевска, студентка на Универзитетот Масачусетс во Бостон.

Ангелевска вели дека Соединетите Држави нудат многу можности за младите луѓе.

„Дефинитивно, да. Јас би сакала да ги охрабрам сите млади конкретно од земјата од каде што доаѓам јас, покрај сите препреки и бариери со кои се соочуваат, можеби и моменти на разочарувања, да не ги спречува тоа, да аплицираат за овие програми, да ги следат своите соништа, затоа што има многу што, не само знаење туку и професионални вештини што САД ги нудат, да се стекнат“, рече таа.

Основана во 1946 година, програмата Фулбрајт ја олесни академската и културната размена меѓу Соединетите Држави и преку 140 држави ширум светот, промовирајќи го меѓусебното разбирање и соработка.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG