Венецуела планира годинава да стане членка на БРИКС

Венецуела оваа година планира да се приклучи кон БРИКС и веќе се смета за дел од таа организација, изјави денеска шефот на дипломатијата, Иван Хил Пинто.

„Венецуела се чувствува како дел од БРИКС и работи на тоа наскоро да стане полноправна членка“, рече Пинто на прес-конференцијата во Каракас, која венецуелската Влада ја организираше заедно со руската Амбасада, пренесуваат руските медиуми.

Министерот додаде дека БРИКС „е немилитаристички и неагресивен и не ја наметнува својата волја на другите“.

Пинто го окарактеризира БРИКС како „праведна, взаемно комплементарна“ група и корисен сојуз, што и треба на Венецуела.

БРИКС е основан во 2006 година и оттогаш двапати е проширен, а моментално има 10 членки. Во 2011 година, Јужна Африка им се придружи на земјите основачи Бразил, Русија, Индија и Кина. Шест земји – Аргентина, Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати – добија покана да се приклучат на БРИКС минатата година, но Буенос Аирес подоцна објави дека нема да стане дел од групата.