ПОВЕЌЕ

    ЌЕ ГРАДИМЕ МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ И ЌЕ ЈА РАЗВИВАМЕ МАКЕДОНИЈА – Христијан Мицкоски за „Каде се парите?“

    Време зa читање: 5 минути

    Еден дел од ветените пет илјади денари пензионерите ќе ги добијат во септември, а другиот дел во март 2025. Мали хидроцентрали ќе се градат со цел државата да е енергетски независна, а општините ќе добиваат буџетски пари за реализација на витални проекти. Ова е застапено во „Платформа 1198“ на ВМРО-ДПМНЕ, за чија постизборна реализација ќе се погрижи владата што ќе ја формира оваа партија, ако ја добие поддршката од граѓаните. Сетоа ова е остварливо, затоа што „не летаме со ветувањата“, вели во поткастот „Каде се парите?“, лидерот на опозициската партија и можен мандатар, Христијан Мицкоски.

    Без оглед што понудата за пензионерите значи дополнителен трошок од 334 милиони евра и зголемување на буџетските зафаќања од сегашните 33,5 на 44 проценти, тврди – може.

    Тоа е резултат на анализа, а не на политичка манипулација. Дел од тие бројки се следниве: пензиите би се нивелирале во септември и март секоја година. Некаде во втората половина на јуни да ја креираме владата, да ја изгласаме, во втората половина на јули да има ребаланс на буџетот и веќе од септември да почне реализацијата на ова ветување, со тоа што тие 5.000 би се заокружиле во март 2025 година. До крајот на годината ни се потребни околу 40 милиони евра, некаде околу 2,4 милијарди денари, а потоа, по март, кога ќе се заврши целиот овој процес, бројката е некаде околу 21 милијарда денари“, ги кажува пресметките Мицкоски.

    Парите, објаснува, ги има во буџетската ставка „други трансфери“:

    Ако ги видите во буџетот ‘други трансфери’, ќе дојдете до следниот заклучок – во 2016 година се 28 милијарди денари, а во 2023 се 52 милијарди. Тоа се 400 милиони евра и сигурно ќе си го поставите прашањето – што прават овие со 400 милиони. Ќе ви го дадам одговорот – ништо. Ги злоупотребуваат. Да бидам до крај брутално искрен – се крадат. Имаме намера со тоа да се занимаваме и тие пари ќе отидат кај пензионерите“.

    Мицкоски тврди дека тие пари ги има, а нивното прво покажување ќе биде во септември, другото во март 2025.

    Ќе видите сите други трансфери каде оделе. Како што Ѓоко Велковски за два месеци откри криминал за злоупотреба при исплатата на социјалната помош, така и ова ќе го видите“, дециден е тој и како примери ги наведува општините Охрид и Ресен, кои со години биле блокирани, а веќе не се и нормално работат. „Еве ги парите. Сакам да ви дадам примери кои се реални ако се работи домаќински“.

    За Вториот пензиски фонд и за стравовите кај бизнисот дека ќе го стават под контрола, затоа што е тоа стара желба на ВМРО-ДПМНЕ, вели – „не треба да ги партизираме работите“.

    Економските политики од таков тип се носат соодветно на потребите… Финансискиот сектор во Македонија, банките, осигурителните компании треба тотално да се ослободени од политички притисоци и треба слободно да работат на пазарот“.

    Сепак, нема гаранција дека Вториот пензиски столб нема да се национализира

    Никогаш не вели никогаш, за ниту една работа, не велам дека… Но, сега, во моментот тоа не е на дневен ред, не е тема на дискусија. Не знам што ќе се случува во иднина, имајќи предвид дека таков пристап има во Унгарија, во балтичките земји, Србија нема втор задолжителен пензиски столб, Словенија има некои ограничувања, Албанија нема…“.

    За општините во изборната програма се наведени 250 милиони евра годишно како буџетска помош. Објаснува дека парите ќе се даваат за проекти, со кои ќе се подобри животот на жителите

    Многу често во Македонија се запоставени граѓаните со сите нивни потреби кои се од дневен карактер. На пример, Општина Илинден која се развива, каде има млади брачни парови и луѓе кои бегаат од метежот во Скопје, нема основна комунална инфраструктура, нема атмосферска, нема фекална канализација, нема асфалтирани патишта, нема вода, елементарни услови нема за живот. Ние велиме општината да направи проект. Проектот има проектантска цена. Како држава ќе објавиме јавен повик, општината ќе конкурира и државата директно ќе го финансира проектот“, елаборира Мицкоски и посочува дека фискалната децентрализација не е завршена и општините не можате да си дозволат многу такви проекти, кои во нивната програма ги има 700.

    За микро и малите хидроцентрали има став дека и се потребни на земјава, за да биде енергетски независна, а има и коментар за реакциите на еколозите.

    Подготвен сум да седнам и да ги аргументирам нивните забелешки, но истовремено сакам и Македонија да се развива и да биде енергетски независна. Ние немаме нафта, немаме гас, немаме море, но тоа што го имаме треба да го искористиме… Точно, онаму каде што има национален парк, парк од природно значење за државата, ќе седнеме и ќе ги аргументираме работите, но таму каде што тоа не е условено… Ајде, да не ја развиваме Македонија, затоа што некој земал грант од некој кој не сака Мкедонија да се развива! Македонија мора да биде енергетски одржлива држава и има можности ако се направи добро планирање. Без добар план за енергетската одржливост на државата нема да имаме развој на економијата. Таму каде што има ограничувања, таму ќе застанеме“, дециден е Мицкоски.

    И, порачува:

    Мора да ги одредиме приоритетите – сакаме да ја развиваме Македонија и како да ја развивме. Ние ќе ја развиваме на принципи и чесно работење“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично