Breaking News

Шест борбени авиони „Рафал“ пристигнаа во Хрватска


Првите шест од вкупно 12 повеќенаменски борбени авиони „Рафал“ слетаа вчера во Хрватска.


-Следниот голем проект на евентуалната трета влада на Андреј Пленковиќ ќе биде набавка на повеќенаменски бродови, изјави хрватскиот премиер по свечениот пречек во Хрватска на првата група повеќенаменски борбени авиони „Рафал“, кои пристигнаа од францускиот град Бордо.


Клучниот голем проект за овој мандат, како што кажа Пленковиќ, е дека „хрватската морнарица сега го зема својот ред“.

-Време е да имаме повеќенаменски бродови покрај повеќенаменските авиони и тоа ќе биде следниот голем проект на нашата трета влада за зајакнување на хрватската армија, додаде тој.


Пленковиќ ги оцени односите со Франција како „многу суштински“ со оглед на стратешкото партнерство кое, како што потсети, започна во 2010 година.

Авионите пристигнаа две години и пет месеци по потпишувањето на договорот со Франција вреден повеќе од една милијарда евра, а пристигнувањето на последниот од договорените авиони се очекува на почетокот на следната година.


мс/фото: МИА архива .

Извор: МИА