Столтенберг: Кина мора да престане да ѝ помага на Русија ако сака добри односи со Западот

Кина мора да престане да ја поддржува војната на Русија во Украина, доколку сака „да ужива“ во добри односи со Западот, рече во четвртокот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено груби зборови дека „не може да ги има и двете“.

За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса тврдеше дека наводната помош на Пекинг била од витално значење за воените напори на Москва, бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.

„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина, исто така, работи на тоа да ѝ обезбеди на Русија подобрени сателитски способности“, тврдеше Столтенберг без да приложи докази за таквите наводи.

„Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди челникот на НАТО.

Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што биле од Русија.

„Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста нѐ прави ранливи“, рече шефот на НАТО.

Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете земји, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Пекинг претходно жестоко ја критикуваше новиот пакет американска воена помош за Тајван кој го смета за своја одметната покраина.

Рускиот претседател Владимир Путин ги потврди претходни шпекулации дека во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, иако не прецизираше кога точно.