Чави: Верувам дека за Барса е подобро да останам

Тренерот на шпанскиот фудбалски гигант Барселона, Чави Ернандез, во четвртокот изјави дека одлучил да остане на клупата на „Гордоста на Каталонија“ бидејќи ја чувствува довербата на раководството и верува во добри резултати во иднината.

На 27-ми јануари, по поразот од Виљареал со 3:5, Чави изјави дека ќе замине во јуни, иако неговиот договор истекува во летото 2025 година.

„Тогаш мислев дека тоа е неопходно за тимот, но сега го мислам спротивното. Верувам дека овој проект не е завршен“, изјави 44-годишниот Чави на прес-конференција во Барселона.

Поранешниот играч од средниот ред седна на клупата на тимот во кој се прослави во ноември 2021 година, а минатата сезона со Барселона го освои шпанското првенство и Суперкупот. Оваа сезона, сепак, на Каталонците не им оди најдобро. На шест кола пред крајот на првенството заостануваат 11 бода зад лидерот Реал Мадрид.

„Сигурно нема да освоиме ниту еден трофеј оваа сезона. Но, тоа не значи дека овој проект треба да заврши“, рече Чави.

Претседателот на клубот Жоан Лапорта и спортскиот директор Деко заклучија дека Чави е најдоброто решение за следната сезона и покрај резултатскиот пад.

Се шпекулираше дека клупските функционери го убедиле да остане за да не мора да му ги исплатат преостанатите пари до крајот на договорот, но Чави тоа го одбил.

„Лапорта и Деко знаеја дека нема да добијам ниту едно евро ако заминам. Парите од мојот договор ќе бидат потрошени за нов тренер. Останувам затоа што ја почувствував силата, ја видов довербата што ја имаат во мене и затоа што верувам дека можеме да победиме во иднина“, појасни Чави.

Истакна дека не поставил ниту еден услов за администрацијата.

Барселона на тој начин го реши прашањето на тренерот откако во неделата загуби од Реал Мадрид со 2:3 и покрај тоа што двапати беше во водство со котнроверзниот погодок од судиското продолжение, а по победата од 3:2 во Париз минатата седмица несреќно беше порзена од ПСЖ со 1:4 во четвртфиналелето од Лигата на шампионите.

„Имав време да размислувам за сѐ, и останувам убеден дека ова ќе биде победнички проект“, изјави Чави.