Македонија
25. April 2024 - 16:36

Груби со куфер од пред Општина Чаир побара да си одат четворицата претседатели од албанската опозиција

Со куфер и музика Артан Груби заедно со членови и подржувачи на Европскиот фронт од пред општина Чаир побараа Изет Меџити да си ги спакува работите и да си замине од политиката. Истото најавија дека ќе го направат и од пред другите општини каде први луѓе се лидерите на албанската опозиција по поразот на претседателскиот кандидат Арбен Таравари од Бујар Османи.

- Нека си го земе куферот и нека си ги спакува работите зошто се малку и нека си замине дома, рече Артан Груби од ДУИ

- Ќе побараме сите четворица да си заминат зошто ветиле и дале нотарски изјави ако изгубат, а вчера Европскиот фронт убедливо победи, изјави Скендер Реџепи – Зејд од Европскиот Фронт

Синоќа победата на претседателскиот кандидат на Европскиот Фронт Османи над противкандидатот од албанската опозиција почна да се слави од пред седиштето во Мала Речица...

Се славеше и на тетовскиот плоштад и на плоштадот Скендер Бег во Скопје каде се наоѓаше и штабот на Таравари.

Османи прогласи победа со над 40.000 гласови повеќе од Таравари и тоа како што посочи речиси во сите општини.

- Оваа победа само докажува дека Европскиот фронт станува една голема локомотива за европската иднина на нашата држава, рече Бујар Османи, претседателски кандидат на Европскиот фронт.

Таравари пак не се откажува. Според него разликата не била голема и на 8 мај резултатот ќе бил во корист на Албанската опозиција “Вреди”.

- Во сите изборни единици каде доминираат Албанци односно во Првата, Втората и Шестата изборна единица разликата е три-четири илјади гласови., Немаме одлучено на кого ќе му дадеме поддршка во вториот круг, изјави Арвбен Таравари, претседателски кандидат на албанскта опозиција “Вреди”.

Албанската опозиција за денеска нема најавено никакви активности.